Приказна на една бабичка: „За љубовта давам сѐ!“

На крајот од 50-тите години од минатиот век, мојата пратетка фатално се заљубила во едно момче од соседното село. Таа за мене е пример за човек кој дава сѐ се љубов, која ги отфрла традициите, обичаите, соседите и роднините.

Во сплет на тогашните несреќни околности, тој морал да побегне во Австралија. Тој и рекол: „Си одам, но ќе се вратам по тебе, чекај ме, не се мажи, не раѓај синови на некоја будала.“

Таа ладно му одговорила: „Јас ќе дојдам со тебе.“

Таа ми ја раскажа оваа приказна пред неколку години, а денес случајно се сетив на таа приказна и тоа додека бев на состанок со еден тип. Имам 25 години, мобилен, Вибер, Фејсбук и сите останати чуда кои овозможуваат да се договориме каде ќе одиме, што ќе правиме и кога ќе се чекаме. И цел ден се договараме, па каде, па што, па зошто, па што да облече за да не биде ко минатиот пат (јас во фустан, тој во тренерки) и сите останати болки со кои се замара денешниот свет. Но, тоа не е поентата на оваа приказна.

Оваа моја пратетка имала 17 години. Полуписмена девојка во село заборавено од светот. Ги собрала тие малку работи кои ги имала, отишла пешки до градот, па потоа со автобус, па со воз, па со брод патува цели три месеци. Без мобилен, без Вибер, без Фејсбук. Без точен договор. Таа едноставно рекла дека ќе дојде, а тој и рекол дека ќе ја чека на договореното место.

Неписменост. Скромна облека. Автобус. Воз. Брод и тешки три месеци.

И заедно беа 60 години.

Тој едноставно ја чекал и таа едноставно заминала со него.

Дали овој тип на страствена љубов изумре? Што ни се случува? Кој ни ги искомплицира животите?

Зошто завршуваме во бракови без љубов, а денес во рака го држиме сиот свет?

Зошто завршуваме во врски во кои љубовта само се посакува, во кои само се трудиме да засакаме некого?

Зошто остануваме со оние кои нѐ газат и изневеруваат? Зошто лажеме за плодни и неплодни денови? Зошто правиме деца за да спасиме брак или врска?

Зошто ги оставаме оние кои ги сакаме затоа што немаат доволно?

Зошто ги понижуваме оние кои ги сакаме?

И главното прашање, кое, овие денови и особено  ноќи, не ми излегува од глава: Зошто денес кога имаме мобилен, Вибер, Фејсбук, автомобил, пари за автобуска карта, слобода на движење, слободен викенд и слично, ние немаме храброст да отидеме онаму каде што сакаме? Зошто немаме храброст да оставиме сѐ што имаме за љубов и зошто никогаш не сме сигурни дека таа љубов навистина нѐ чека?

Немам поим.

Но, знам дека светот е грдо место само затоа што пречесто немаме храброст некому да кажеме: „Чекај ме, ќе дојдам по тебе.“ Затоа што немаме храброст ниту да чекаме, ниту да си отидеме.

Со својот живот гарантирам дека светот е ужасно место затоа што луѓето повеќе немаат храброст за луда љубов.

Долго ја немам видено својата пратетка, но добро го помнам она што ми го кажа на крајот од приказната: „За сѐ можеш да бидеш кукавица, освен во љубовта. Во љубовта никогаш немој да бидеш кукавица и никогаш не ги сакај кукавиците.“