Пријавувањето за овогодинешниот „Виз Ер Скопски маратон“ е веќе започнато

Пријавувањето за овогодинешниот „Виз Ер Скопски маратон“ е веќе започнато, објавија организаторите. Ова ќе биде 20-то јубилејно издание - настан кој го поставува Скопје на картата на светските маратонски градови.

„Пријавувањето за овогодинешното издание е веќе во тек, а доколку се регистрирате и платите котизација до 29.08.2024, имате можност да добиете бесплатна маица како дел од пријавата. Оваа година, маратонската трка се очекува да биде поголема и подобра од било кога претходно, со посебна програма, мотивирачка музичка плеј листа и активности за сите учесници и поддржувачи“, најавува организаторот.

Пријавувањето завршува на 20.09.2024, но организаторите може да ги затворат пријавите порано, во случај да се пополни предвидениот број на учесници.

Годинава се очекува бројот на учесници да биде рекорден, бидејќи досега се пријавени над 6.500 тркачи од повеќе од 50 земји. Спортисти од различни краеви на светот доаѓаат во Скопје за да ја искусат оваа незаборавна тркачка авантура и да ја почувствуваат гостопримливата атмосфера во градот.

Покрај традиционалната маратонска трка, „Виз Ер Скопски маратон“ нуди и полумаратон, штафетен маратон и трка на 5 километри.