Пријавуваат ли Македонците мобинг на работното место?

Психичкото вознемирување на работното место (мобинг) станува појава на новиот милениум, која може да биде или предизвик и животно искуство што ќе ни помогне да одиме напред или опасност што може да биде надвор од нашата контрола и да стане сериозна закана по нашето физичко и ментално здравје и да влијае врз семејната хармонија, продуктивноста и квалитетот на работата пишува МИА.

Мобингот како широко распространета негативна појава бара сериозен пристап од сите институции во државата, со цел да се обезбедат правни и општествени услови и претпоставки за негово намалување и спречување. Особено е значајно да се оспособат сите лица во работната средина за препознавање на облиците на вознемирување и начинот и постапката за спречување и заштита од оваа појава.

Сојузот на синдикатите на Македонија е еден од значајните субјекти што со своите стратегии за дејствување особено е заинтересиран за обезбедување здрави и безбедни услови за работа на работниците, вклучувајќи ги тука и активностите како застапник на правата и интересите на своето членство, за препознавање на мобингот и заштита од ваквото негативно однесување и преземање мерки за ублажување или избегнување на последиците по здравјето и достоинството на работниците.

За заштита од психичкото вознемирување на работното место по барање од ССМ е донесен законот во 2013 година, кој е поддржан од другите синдикати и социјални партнери по пат на социјален дијалог во Економско-социјалниот совет.

Од ССМ се задоволни од законското решение и особено од ригорозните казнени санкции, кои предвидуваат од пет до шест илјади евра за сите работодавци што не ги спроведуваат мерките поврзани со законот или до четири илјади евра за лицето што го врши мобингот, како и предвиденото надоместување штета за сите жртви на психичко, физичко или полово вознемирување.

Како што пишува МИА работниците врз основа на психичко вознемирување на работното место во ССМ можат да добијат и бесплатно правно советување. ССМ одвојува финансиски средства за бесплатна телефонска линија за мобинг во канцеларијата на синдикатот. Правниците на ССМ во седиштето во Скопје и во регионалните синдикални претставништва и синдикални канцеларии ги преземаат сите законски дејства и постапки за заштита на работничките права на своето членство.

Карактеристично е тоа што, како што велат од ССМ, има голем број обраќања во врска со вознемирување на работното место, но од лица кои не се членови на Синдикатот.

Овие податоци, како што посочуваат оттаму, упатуваат на тоа дека вознемирувањето на работното место најчесто се случува во средини каде што работниците не се синдикално организирани и едуцирани за своите права.