Пријави за петмина скопјани фатени со дрога

Секторот за внатрешни работи Скопје поднесе пет кривични пријави против пет лица од Скопје, поради основи на сомнение за сторено кривично дело - “неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“ предвидено и казниво по член 215 од Кривичниот законик на РМ.

Во првиот случај пријавен е А.Љ.(40), којшто во текот на април минатата година за сума од 12.000 денари од непознато лице, неовластено за себе набавил и кај себе држел наркотична дрога – хероин. На 25.04.2017 година при извршено легитимирање и преглед над пријавениот пронајдени се четири полиетиленски пакувања во кои имало 4,91 грамна хероин. Втората пријава е против П.М.(28), кој што во текот на август лани за сума од 2.000 денари од непознато лице набавил и кај себе држел 25 грама марихуана со намера истата да ја препродава на лица – уживатели.

Со судска наредба за претрес извршен е претрес во домот на пријавениот, каде се пронајдени три полиетиленски кеси со опојна дрога марихуана, две пластични дробилки, една метална дробилка и рефус опојна дрога марихуана. По извршено вештачење констатирано е дека во пронајдените пакувања имало 22,65 грама марихуана.

Третата пријава е против А.А.(25) кој во текот на минатата година неовластено, заради понатамошна препродажба од непознато лице набавил и кај себе поседувал марихуана. На 22.09.2017 година во Градски парк-Скопје, по извршен преглед на патничко моторно возило „Опел Астра“ со скопски регистерски ознаки управувано од татко на пријавениот, а во кое како совозач бил пријавениот, биле пронајдени 100,46 грама марихуана и 21 таблети од кои 18 метамизол - медикамент со аналгетско и антипиретско дејство и активната компонента и три таблети MDMA.

Четвртата пријава е против Ф.П.(20) кој во текот на август 2017 година за сума од 2.000 денари од непознато лице неовластено за себе набавил и кај себе држел наркотична дрога-марихуана. На 15.08.2017 година пријавениот по претходен телефонски договор се сретнал со лице од кое земал две полиетиленски кеси со наркотична дрога-марихуана, од кои едната ја дал на негов другар да му ја чува.

Истиот ден при извршено легитимирање и преглед над пријавениот, како и кај неговиот другар пронајдени се по една полиетиленска кеса во кои имало вкупно 43,01 грама марихуана. И во последниот случај пријавен е В.С.(20) кој во текот на октомври 2017 година од непознато лице неовластено за себе набавил и кај себе држел синтетичка дрога-екстази и таблети.

На 08.10.2017 година пријавениот по претходен телефонски договор заминал за Гостивар, каде се сретнал со лице од кое купил синтетичка дрога екстази и таблети со намера да ги препродава на техно забави, по што се вратил во Скопје. Истиот ден, при извршено легитимирање и преглед над пријавениот пронајдена е една кеса со 30 MDMA-екстази таблети.