До редакцијата на Скопје Инфо пристигнуваат сè повеќе пораки од граѓани кои живеат во приградските населби околу Скопје, а кои велат дека мирот поради кој го избрале животот надвор од градската гужва постепено исчезнува.

Photo by Brooke Balentine on Unsplash
За многумина, преселувањето од градот било свесен избор. Наместо сообраќај, густи градби и постојана градска бучава, избрале куќи со двор, повеќе зеленило со надеж за повеќе мир. Меѓу нив има и повозрасни граѓани кои по пензионирањето решиле да го напуштат градот и да се преселат во помала средина, очекувајќи поспокојно секојдневие. Но, дел од нив денес се соочуваат со нов вид бучава.
Во некои населби се појавуваат куќи, базени и други објекти кои се изнајмуваат за родендени, прослави, приватни забави и викенд-собири. Преку социјалните мрежи се нудат како места кои се изнајмуваат за дружење, со дворови, базени и простор за поголем број гости.
За сопствениците тоа е можност за дополнителен приход. За соседите, особено кога забавите се организираат редовно, тоа значи сосема поинакво соседство, кое нема мир. Проблемот е особено видлив во густо населени населби. Пораките до нашата редакција главно се однесуваат на ситуации во кои ваквите настани се повторуваат, особено за време на викендите. Со музиката доаѓаат и гласни разговори, викање, довикување и движење на голем број луѓе во дворовите и околу објектите.
За луѓето кои живеат во непосредна близина, тоа значи дека викендот, кога очекуваат да одморат во сопствениот дом, станува период во кој повторно се соочуваат со бучава.
„Сè е во дозволените децибели“

Photo by Jakob Owens on Unsplash
Тука се појавува и најголемата фрустрација кај граѓаните.
Кога ќе се пожалат, одговорот често се сведува на тоа дали бучавата е над законски дозволеното ниво. Ако мерењето покаже дека границата не е надмината, случајот практично завршува. Но, за жителите, проблемот не е толку едноставен.
Граѓаните потенцираат дека станува збор само за тоа колку децибели покажал инструментот во одреден момент, туку за нешто што постојано се повторува, некогаш трае во текот на целиот ден или ноќ, но и целокупната активност што се одвива во непосредна близина на нивните домови.
Во вакво сценарио, еден жител може да помине цел викенд слушајќи музика и гласови од соседниот објект, а потоа да добие одговор дека бучавата е во дозволените граници. Ако нема прекршување на дозволеното ниво, што може да направи соседот кој секој викенд го слуша истото?
Ова е особено чувствително прашање за повозрасните жители. Дел од нив токму по пензионирањето избрале да се преселат надвор од градот, со надеж дека ќе имаат помалку стрес и побавно секојдневие. За нив, домот и дворот се место за одмор, а не простор од кој за време на викендите треба да се повлекуваат поради бучава од соседна прослава.
Приватни куќи како место за комерцијални забави

Photo by Aurela Redenica on Unsplash
Постои и уште едно прашање кое граѓаните го отвораат: што се случува кога објектот формално изгледа како приватна куќа, но во пракса редовно се изнајмува за комерцијални настани?
Самото изнајмување на приватен имот не значи автоматски дека се работи незаконски. Но, доколку одреден објект редовно прима гости кои плаќаат за престој или за користење на просторот, се организираат прослави, се служи храна и пијалаци или се одвиваат други комерцијални активности, сосема е легитимно да се постави прашањето дали за тоа постои соодветна регистрација и дали се исполнети сите законски услови. Особено ако објектот се рекламира јавно како место за организирање забави.
Еден граѓанин посочи дека кога пријавил во полиција, се соочил со прашање: Зарем толку му пречи музика во околината? Освен тоa, тој истакна дека полицијата бара да се легитимираш, а доколку не сакаш да го направиш тоа, тогаш тие воопшто не постапуваат и потенцираат дека следниот пат би можел да добиеш казна за „лажна“ пријава. Иронично е, вели тој, истата таа полиција која е во близина на објектот, ја става одговорноста на лицето кое пријавило, а и самите полицајци можат да ја слушнат вревата која доаѓа од објектот.
Кој треба да постапи?
Одговорноста во вакви случаи може да биде поделена меѓу повеќе институции, зависно од тоа за каков објект и каква активност станува збор.
Општинските инспекциски служби имаат надлежности во дел од прашањата поврзани со бучавата и работењето на објектите. За други прашања може да бидат надлежни државни инспекциски органи.
Доколку постои сомнеж дека одреден простор се користи за активност за која нема соодветна регистрација или одобрение, надлежните треба да го проверат тоа. Доколку проблемот е прекумерна бучава, треба да се утврди дали се почитуваат пропишаните услови. Но, тука повторно се враќаме на главниот проблем: што се случува кога мерењето покажува дека бучавата е во дозволените граници, а проблемот сепак се повторува?
Една бројка не го опишува целото соседство
Токму затоа граѓаните сметаат дека проблемот не треба да се сведува само на едно мерење.
Ако еден објект секој викенд организира забави, надлежните би требало да можат да го разгледаат и поширокиот контекст: каква активност се врши, колку често, во кој период од денот, колкав број луѓе се собираат, дали објектот има соодветни услови и дозволи и дали начинот на користење на просторот е во согласност со прописите. Но, исто така, не може секоја претставка од граѓанин да заврши со едноставното „сè е во дозволените децибели“, без да се разгледа што навистина се случува во соседството.
Ако проблемот се повторува постојано, а граѓанинот нема друг механизам освен повторно да се жали, тогаш системот очигледно не му нуди доволно решение.
Приградските населби околу Скопје се менуваат. Со достапноста на интернет-платформите и социјалните мрежи, приватните куќи и дворови сè почесто се претвораат во места за краткорочно изнајмување и организирање настани. Тоа е економска активност која не мора сама по себе да биде проблем. Проблемот настанува кога комерцијалната активност на еден имот почнува сериозно да влијае врз квалитетот на животот на луѓето кои живеат околу него.
Тогаш прашањето повеќе не е дали некој сака или не сака музика. Повторно се поставува прашањето дали постојат јасни правила, дали тие се почитуваат и дали институциите имаат волја и механизам да реагираат кога едно право почнува да го ограничува нормалното живеење на другите.