Прифатени 5.000 приговори од средношколци и студенти за платежната картичка

Нина Ангеловска, министерката за финансии, доцна синоќа објави дека се прифатени дури 5.000 приговори за домашната платежна картичка испратени од средношколци и студенти, односно млади лица од 16 до 29 години. Заедно со претходно усвоените приговори, досега вкупно се прифатени 7.000 приговори.

Ваквиот одговор на Ангеловска доаѓа одкако до вчера голем број од средношколците, и студентите реагираа дека немаат добиено одговори дали ќе видат прифатени нивните приговори за државните платежни картички од третиот сет на економски мерки против корона-кризата.

„Во текот на утрешниот ден овие лица ќе бидат додадени на листата на kupuvandomasno.gov.mk и нивните платежни картички ќе почнат да се печатат“, напиша министерката на својот профил на „Фејсбук“.

Ангеловска најавува дека во текот на следните неколку денови се очекува да финализира проверката за евентуално дополнителни прифатени приговори.

„До крајот на неделата треба да се завршат сите проверки на сите приговори вклучително и проверките од УЈП, МТСП, АВРМ и ФЗОМ со што ќе се затворат сите поднесени приговори и ќе информираме за вкупната конечна бројка на прифатени приговори.

Сите кои ги исполнуваат условите ќе добијат домашна платежна картичка“, уверува Ангеловска.