Превозниците на протест пред Делегацијата на ЕУ во Скопје

Превозници организирани од домашната транспортна асоцијација „Макам-транс“ денеска од 12 до 14 часот ќе протестираат пред седиштето на Делегацијата на Европската Унија во Скопје. Тие бараат итно решение за проблемот со ограничениот престој на професионалните возачи од земјава во Шенген-зоната.

Протестот е предупредувачки, во пресрет на утрешниот состанок на Работната група во Брисел, од кој превозниците очекуваат напредок во решавањето на нивниот статус. Проблемот произлегува од правилото 90/180, според кое државјани на трети земји можат да престојуваат најмногу 90 дена во кој било период од 180 дена.

Пред Делегацијата на ЕУ во Скопје ќе бидат паркирани дваесетина товарни возила, а на протестот ќе присуствуваат сопственици на транспортни компании, професионални возачи и други вработени од повеќе делови на земјава. Истовремено, протести на превозници се најавени и во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.

Од „Макам-транс“ велат дека протестот е порака до Европската Унија дека по седум месеци сè уште нема конкретно решение за проблемот.

„После седум месеци сè уште не е надминат проблемот со престојот, а бидејќи септември е почеток на работите сакаме да испратиме јасна порака да се направи нешто. На 1 септември се очекува да има средба на претставници на сите земји од Шенген-зоната, на која бараме на дневен ред да биде и нашето прашање“, изјави за МИА генералната секретарка на „Макам-транс“, Биљана Муратовска.

Од асоцијацијата посочуваат дека неизвесноста околу правилото 90/180 сериозно влијае врз работата на транспортниот сектор. Според нив, околу 50 проценти од возачите одбиваат да возат поради страв дека би можеле да имаат проблеми при преминување на границите, особено поради различното толкување на правилото од страна на граничните службеници.

Од Министерството за транспорт, пак, во неколку наврати посочија дека Владата работи на решавање на проблемот преку билатерални договори со земји членки на Шенген-зоната, со цел да се обезбеди покриеност на најфреквентните транспортни рути.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски минатата недела изјави дека веќе има договори со Швајцарија, Хрватска и Романија, а во периодот што следува се очекуваат разговори со Австрија, Словенија и Германија.

Целта, според Николоски, е преку билатерални договори да се покријат земјите низ кои најчесто транзитираат македонските транспортери.

Доколку на утрешниот состанок во Брисел не биде најдено преодно решение, превозниците најавуваат можност за нови протести на граничните премини на 14 септември.

Со проблемот, според податоците на „Макам-транс“, се соочуваат околу 17.000 професионални возачи од Северна Македонија, додека на ниво на Западен Балкан бројката достигнува околу 100.000 возачи.