Превозниците да не подлегнуваат на српска пропаганда, Македонија самостојно ќе го решава проблемот - вели Николоски

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски вчера во интервју за Телма ТВ изјави дека Македонија самостојно преку билатерални договори го решава проблемот со транспортерите.

Тој нагласува дека позицијата на Македонија е поинаква од останатите држави од Западен Балкан и транспортерите не треба да подлегнуваат на пропагандата на странски држави, пред се на Србија.

Билатерални договори се склучени со Швајцарија, Хрватска и Романија, а според Николовски се преговара и со властите на Австрија, Германија и Унгарија.

Министерот посочи дека тоа е систем на ЕУ и тие треба да најдат решение, додавајќи дека во рамки на можностите на Владата, те го наоѓаат решението преку овие билатерални договори за долгорочни работни визи.

 „Секоја држава треба да си го решава проблемот самостојно и не смееме овој проблем да го гледаме во купче затоа што една е позицијата на Македонија, а друга на останатите држави од Западен Балкан и не мислам дека е паметно овој проблем да се гледа заеднички, туку секоја држава треба да го решава индивидуално. Ние го решаваме индивидулно, имаме решенија и ако другите држави немаат решенија тоа е нивни проблем. Ај ќе бидам попрецизен. Мислам дека не треба да потпаѓаме на пропагандата која што главно доаѓа од Србија. Тие си имаат свои проблеми со ЕУ. Нека си ги решаваат“, рече Николовски во интервју за Телма.