Вевчани е подготвено за годинашното издание на традиционалната манифестација Вевчански карневал што повеќе од 14 века се одржува на 13 и 14 јануари во чест на Свети Василиј, односно православна Нова година.
И годинава Василичарите од Горна и Долна маала, покрај со традиционалните маски на Глупи Август, Зетот и Невестата и Ѓаволите, ќе продефилираат и со останатите маски со кои ги исмеваат актуелните политички случувања. Со звуците на зурли и тапани ќе ги бркаат лошите духови, односно злото, за да ја пречекаат Новата година прочистени и среќни.
-Вевчанскиот карневал по многу нешта е специфичен и ги има задржано изворните карактеристики уште од почетокот на одржувањето пред 14 века. Карневалот е медиум кој и пренесува на власта и на владетелот дека нешто не чини и е коректор на власта. Во него има многу хумор и сатира. Низ маските и игрите можете да го согледате целогодишното владеење. Паметна власт во карневалот може да ја види целата негативност што ја правела во текот на годината и ќе може да се коригира. Некому може му изгледа дека има многу политика, но тоа не е така, туку е корекција на власта, порача градоначалникот на општина Вевчани Спасе Кочоски на денешната прес-конференција.
Преку карневалот, како што кажа, не се шири верска и национална омраза.
-Вевчанските маски покажуваат какви не треба да бидат луѓето. Ако видите грубост, пораката е не бидете груби. Ако видите вулгарност, пораката е не бидете вулгарни. Едноставно, она што е негативно во едно општество и во секој сегмент на општественото живеење ќе го видите токму низ маските на дефилето на 13 и 14 јануари, рече Кочоски.
Карневалот започнува утрото на 13 јануари, кога во Василичарските конаци почнуваат да се собираат Василичарите и музичарите. Околу пладне сите маскирани одат на влезот на Вевчани и од тука започнува Василичарското дефиле, а поворката почнува да се движи нагоре кон центарот на Вевчани. Поворката ја водат маскираните во Глупи Август и Ѓавол, тие со специфичните движења и крици прават ред и место за Василичарите, по нив следат музичарите, Зетот и Невестата, а потоа сите василичари. После Василичарското дефиле, Зетот и Невестата од Горна и Долна маала ги посетуваат сите домови во Вевчани, посакуваат здравје и бериќет во новата (сурва) година, а домаќините ги даруваат.
Ноќта на 13 наспроти 14 јануари, се оди на вода во Вевчанските извори. Се верува дека ноќта спроти празникот водата во изворите е света и лековита. Во минатото жителите на сите околни села независно од верата доаѓале на изворите и полнеле од водата. На Василичарите им се придружуваат и домаќинките кои носат летургија (леб) и ќиска од босилек, дрен и василичарка (бодликаво растение кое е симбол на Вевчани). Полнат вода со која утрото на 14 јануари замесуваат Кашаник (пита печена под сач).
На 14 јануари на денот на Св. Василиј, Василичарите одат на визита (именден), кај сите што го носат името на светецот, а потоа во центарот на Вевчани се собираат сите василичари и музичари, заедно го играат Василичарскито оро и ги палат маските, што симболизира злото да не се повтори во новата година со што завршува карневалот.
И годинава манифестацијата ќе биде придружена со музичка програма која почнува вечерта на 12 јануари кога ќе настапат рок и поп бендовите: ГИГ ОФФ ( Сашко Гигов – Гиш и пријателите), Венко Серафимовски и Прпл Цепелин, реге бендот – БРУКА, ДНК, Ласт Експедишн, Фиц и Студени нозе. Вечерта на 13 јануари е резервирана за народна музика, а на сцената ќе бидат Баклава, Банда Ентопика од Грција, Нино Величковски и Кумановските тамбураши, Некст Тајм и Перо Бели. Се уште не е потврдено учеството на големата балканска ѕвезда Здравко Чолиќ на манифестацијата Вевчански карневал.