Со “Оливер Твист”, претстава наменета за најмладите, на 10 јануари во македонската метропола почнува театарската магија во новата 2019 година. Со оваа претстава работена според истоимениот роман на Чарлс Дикенс, Театарот за деца и младинци во Скопје први ги отвораат своите врати веднаш по новогодишните празници.

Со оглед дека “Оливер Твист” е лектира во основното образование, извонредната драматизација на добро познатата приказна, овојпат во стихови од страна на режисерот Срѓан Јаникијевиќ, им нуди на децата една сосема несекојдневна, нетипична и досега невидена детска претстава. Жанрот на претставата е оперета. Веќе наредните денови за најмладите следуваат “Пепелашка”, “Сонот на Вилијам”…(19 ч).

Повозрасната публика, пак, ќе мора да почека до 14 јануари кога на репертоарот на националната театарска куќа, Македонски народен театар е комедијата “Не се клади на Енглези” за која секогаш се бара билет повеќе. Следните два дена на програмата е “Животот е прекрасен” во режија на Александар Морфов, а до крајот на месецот, поточно на 25 јануари публиката, покрај останатите претстави ќе може повторно да ужива и во добро познатиот мјузикл “Мама миа” со хитови од светски познатата група АББА.

Драмскиот театар во Скопје, првата претстава на својата сцена ја најавува за 15 јануари кога ќе биде прикажана “Странци” во режија на Нела Витошевиќ. “Странци” е „драмомедија“ во која седуммина пријатели играат игра во која ги споделуваат сите телефонски пораки, разговори, фотографии, комуникациите преку социјалните мрежи и на тој начин ги откриваат личните тајни, отварајќи болни конфликтни ситуации.

Истовремено се потенцираат разликите помеѓу приватното и јавното себепретставување… Современа тема која сигурно ќе не подзамисли.
Театар Комедија, пак, репертоарот во новата 2019 го стартува на 22 јануари со првата реприза на претставата “Нема да платам” од Дарио Фо, добитникот на Нобелова награда за литература, драмски писател, сценарист, режисер, актер и борец за човекови права и еднаквост, а во режија на Александра Кардалевска.

Оваа претстава, политичка сатира и провокативна реакција против злоупотребите и неправдите на општеството, својата премиера ја имаше на 27 декември.