Претставен новиот план за унапредување на велосипедскиот сообраќај во Скопје (2019-2021)

На денешната отворена трибина на тема „Градот Скопје за подобра мобилност“ беше претставен новиот План за унапредување на велосипедскиот сообраќај 2019-2021 кој треба да биде усвоен за два дена, на претстојната седница на Советот на Град Скопје.

Пред присутните граѓани, експерти од областа на животната средина и сообраќајот и пред претставниците на невладините организации беа претставени и активностите на Град Скопје за зголемување на безбедноста во сообраќајот, подготовката на проектот за рехабилитација на централното градско подрачје и зголемување на пешачката зона и проектите за заштита на пешаците со дополнително осветлување на пешачките премини и поставување копчиња на семафорите. Оваа трибина беше дел од активностите на вториот ден од Европската недела на мобилност 2019, неделата посветена на алтернативните начини на движење во градовите.

-  Во текот на минатата година изградивме и реконструиравме рекордни 14,6 километри велосипедски патеки во вредност од 56,5 милиони денари. Изминатата 2018 година се посветивме на градењето на таканаречените конектори кои ги поврзуваат главните велосипедски рути во Скопје, а го споивме со велосипедски патеки и Големиот ринг. Сите патеки се изведени во согласност со стандардите кои предвидуваат слеани рабници, заобиколувања на автобуските станици, соодветна хоризонтална и вертикална сигнализација и заштита со столпчиња. Оваа година градиме и реконструираме велосипедски патеки во должина од над 16 километри. Изградивме и реконструиравме велосипедски патеки и велосипедски ленти на улиците Московска, 4.Јули и Даме Груев, како и на булеварите Србија и Киро Глигоров. По реконструкцијата што е во тек, ќе бидат изградени велосипедски и пешачки патеки и на улицата Благоја Стефковски. На булеварот АСНОМ кој го прошируваме во првата фаза, а потоа со мост преку Вардар ќе ги поврзува Аеродром, Центар и Гази Баба, исто така, е предвидено да има велосипедски и пешачки патеки од двете страни на коловозот. Булеварот Христијан Тодоровски Карпош, кој е во изградба, исто ќе добие велосипедски и пешачки патеки. Поврзувањето на северната и јужната страна на градот со велосипедски патеки е можеби најголемиот предизвик што го имаме, а кој очекувам да го надминеме. Со гордост можам да најавам дека за две години од сега Скопје ќе биде велоград со развиена велосипедска мрежа што ќе ги поврзува сите населби во градот – рече градоначалникот Шилегов, на трибината што се одржа во просториите на Град Скопје.