Претставен Буџетот за 2020 година на општина Ѓорче Петров

Како дел од проектот „Мои пари – моја одговорност“: Партиципативно буџетирање на општините, вчера во Центарот за култура во Ѓорче Петров се одржа презентација на Буџетот на општината за 2020 година.

Градоначалникот Алкесандар Наумоски ги презентираше клучните проекти во неколку области предвидени за следната година и разговараше со граѓаните на повеќе актуелни теми.

Во своето обраќање Наумоски истакна дека следната година започнува реализација на неколку капитални проекти кои драстично ја менуваат сликата за Ѓорче Петров.

Меѓу проектите кои ги наведе Наумоски се изградбата на ново училиште со спортска сала во населбата Хром, современа детска градинка во Волково, затворен базен во училиштето „Димитар Поп Георгиев Беровски“, како и започнување на најголемата грин филд инвестиција во здравството – нов клинички центар кој ќе се гради во Ѓорче Петров.

Во делот предвиден за дебата, граѓаните се информираа подетлано за помали проекти што се важни за нивните урбани и месни заедници, но даваа и конкретни предлози. Дел од нив беа поздравени од претставниците на општинската администрација, а градоначалникот истакна дека ќе бидат внимателно разгледани а дел од нив и дека ќе се реализираат во наредниот период.

Јавната презентација на Буџетот за 2020 продолжува и денеска во Волково каде ќе се разговара за мерки и проекти важни за руралниот дел од Општината.