Претставата „Хеда Габлер“ вечерва го отвора фестивалот РУТА во Драмски театар Скопје

Вечерва на сцената „Ристо Стефановски“ во Драмски театар Скопје во 20 часот се отвара третото издание на фестивалот РУТА. По свечената церемонија на отворањето, ансамблот на Драмски театар Скопје ќе ја изведе претставата „Хеда Габлер“. Претставата е работена по текст на Хенрик Ибзен. Режисер е Васил Христов, адаптацијата е на Викторија Рангелова – Петровска и Васил Христов. Сценографијата на претставата е на Васил Христов, а костимите се на костимографката Розе Трајчевска – Ристоска. Улогите ги играат актерите на Драмски театар Скопје: Хеда Габлер Тесман – Сања Арсовска, Судијата Брак – Зоран Љутков, Јерген Тесман – Владимир Петровиќ, Ејлерт Левборг- Дениз Абдула и ликот на Теа Тесман го игра Сара Климоска.

Третото издание на меѓународниот театарскиот фестивал Рута што ќе се одржи од 15 до 20 октомври повторно ќе ги обедини љубителите на театарот кои во фестивалската седмица ќе имаат прилика да ги проследат најактуелните претстави оваа сезона во регионот. Во фестивалската програма ќе играат претстави и копродукции од сите членки на Регионалната унија на театри.

Београдско драмско позориште од Србија доаѓа со претставата „Швејк“ работена по сатиричниот роман на чешкиот писател Јарослав Хашек. Режисер е Вељко Миќуновиќ. Камерни театар 55 од Сараево, Босна и Херцеговина ќе ја игра претставата „Целосно странци“ работена по истоимениот филм на италијанскиот режисер Паоло Ѓеновезе. Од Хрватска гостуваат Казалиште Улисис во копродукција со театарот Егзит (Театар EXIT) со кабаре – „Концерт за лажици и гитара“. Местно гледалишче Љубљана од Словенија настапува со претставата „Иднина“ на словенечкиот режисер Жига Дивјак работена во копродукција со Београдско драмско позориште. Градско позориште Подгорица годинава настапува со претставата „Мислам дека треба да разговараме“. Оваа претстава авторката Драгана Трипковиќ и режисерот Данило Маруновиќ ја направиле инспирирани од познатиот филм на Ингмар Бергман „Сцени од брачниот живот“.

Покрај секојдневните прес конференции со ансамблите од регионот, новина во фестивалската организација оваа година е воведувањето на тркалезните маси што ќе се одржуваат секоја вечер непосредно по изведбите на претставите во фоајето на Драмски театар. Тркалезните маси ќе бидат отворени за присуство на публиката, а на нив за претставата ќе дискутираат уметничкиот и актерскиот дел од ансамблите, новинари и театарски критичари, а со свои прашања или мислење може да се вклучи и присутната публика.