Претседателот Пендаровски се сретна со претставници на Меѓународниот инклузивен драмски фестивал „Игри без маска 2019“

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, придружуван од неговата сопруга, Елизабета Ѓоргиевска, прими претставници на Меѓународниот инклузивен драмски фестивал „Игри без маска 2019“, што во ноември, по шести пат, ќе се одржи во Скопје, во организација на Здружението на граѓани „Свет на различни, а еднакви“.

Извршниот директор на фестивалот, Гордана Симоновска Момироска и уметничкиот директор на Фестивалот, Снежана Конеска Руси го информираа Пендаровски за предвидените подготвителните активности во пресрет на фестивалот, кој ќе трае четири дена и на кој ќе има учесници од Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Косово и Бугарија, соопшти Кабинетот на претседателот.

Целта на проектот, како што се наведува во соопштението, е остварување на законското право на лицата со хендикеп за нивно активно вклучување во културни настани, реализација на инклузивни обуки и работилници за нивна подготовка и учество во драмски дела и музичко сценски настапи со завршно претставување на театарската сцена.

Претседателот Пендаровски даде силна поддршка за одржување на фестивалот и изрази очекување дека во реализацијата на проектот ќе се вклучат поединци, институции и општествено одговорни компании, што ќе придонесе за јакнење на свеста и сензибилизација на граѓаните за прифаќање на лицата со хендикеп во своето непосредно и секојдневно опкружување. Целни групи се корисници на институции за нега и грижа на лица со хендикеп, ученици од редовни и посебни училишта, корисници на домови и центри за нега и грижа, како и членови на невладини организации од земјата и од странство, стои во соопштението.