Претседателот Пендаровски прими претставници на здружението „Гласен Текстилец“

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска прими претставници на Здружението на граѓани на текстилните, кожарските и чевларските работници „Гласен Текстилец“ од Штип.

-Соговорниците го запознаа претседателот Пендаровски со проблемите и со предизвиците со коишто се соочуваат овие работници, како што се евидентирањето на работното време, трудовиот инспекторат, нехуманите услови за работа. На средбата ги споделија и идеите, проектите и реализираните активности во насока на унапредување на правата на работниците во текстилната, кожарската и чевларската индустрија, информираат од кабинетот на Пендаровски.

Една од оснoвните заложби на Здружението, како што го информирале претседателот Пендаровски на средбата, е работниците во овие индустриски дејности да добијат можност за поголема едукација, со цел подобрување на нивната информираност, но и зголемување на јавната свест за правата на работниците во овие области.

Претседателот Пендаровски истакнал дека една од неговите главни цели е токму поттикнувањето политики што овозможуваат достоинствен живот за секој работник во Северна Македонија, бидејќи, како што рекол, работничките права се темелни вредности врз кои се градат сите други граѓански права.

Изразувајќи поддршка за нивните активности, претседателот Пендаровски ја поздравил и нивната заложба за промоција и запазување на највисоките стандарди на чесност и одговорност, политика на нула-толеранција во однос на случаи на измама и корупција.