
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта од 1 до 5 јуни ќе се сретне со лидерите на земјите од Западен Балкан. На 5 јуни, тој ќе биде копретседавач на самитот ЕУ-Западен Балкан, каде главната тема на овој самит е „Заедничкиот просперитет и стабилност на ЕУ и Западен Балкан“.
Кошта ќе разговара за можностите и предизвиците околу проширувањето, постепената интеграција, регионалната соработка, безбедноста и стабилноста.
Тој ќе ги посети шесте партнери од Западен Балкан, почнувајќи во Сараево во понеделник, 1 јуни. Во вторник, 2 јуни, претседателот Кошта ќе биде во Тирана, потоа ќе го посети Скопје, каде ќе се сретне со премиерот Христијан Мицкоски.
Следниот ден, среда, 3 јуни, Кошта ќе се упати кон Приштина, додека во четврток, 4 јуни, претседателот ќе го посети Белград. Турнејата ќе ја заокружи со посета во Црна Гора.
Инаку, во вторник во 18:30 часот во Скопје предвидена е заедничка прес конференција со премиерот Мицкоски.
„Мојата втора турнеја низ Западен Балкан испраќа јасен сигнал: посветеноста на ЕУ кон регионот е реална; исто толку реална колку и можноста за проширување. Моментумот е тука. Сега е време да се испорачуваат резултати“, изјави Антонио Кошта, претседател на Европскиот совет.