Претседателот Иванов упати честитка по повод Денот на независноста

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по повод 8 Септември – Денот на независноста на Република Македонија, упати честитка до граѓаните.

„Делото што го започнаа Илинденците, а го продолжија АСНОМ-ците, конечно го заокружија македонските граѓани на 8 Септември 1991 година, на нашиот трет и конечен Илинден. Bо очи на тој историски референдум во нашата татковина не доаѓаа високи странски претставници. Тоа беше момент на вистинска народна саморефлексија од која произлезе ненаметната, автентична и чиста волја на македонскиот народ и македонските граѓани“, се наведува во неговата честитка.

Република Македонија, се додава во честитата на Шефот на држават, не може да се изградува врз други темели освен оние поставени со референдумот за независност од 8 септември 1991 година.

„Нашата генерација е обврзана да го зачува заветот од предците и да им го предаде на потомците. Тоа е завет за градење на Република Македонија како модерна и демократска држава во која ќе владее правото, а не луѓето, во која секој ќе биде еднаков пред словото на законот. Република Македонија како европска држава во која ќе се достигнуваат европските вредности, стандарди и критериуми“, се додава во честитката.

А одлуките донесени на тој прв и единствен референдум што ја дефинираше самостојноста и сувереноста на Република Македонија беа и остануваат да бидат обврзувачки за секој еден од нас, се вели во честитката на македонскиот претседател.