Претседателот Иванов ќе ги одликува ракометарите на Вардар со „Медал за заслуги за Македонија“

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, донесе одлука да ги одликува членовите на ракометниот клуб Вардар со „Медал за заслуги за Македонија“, а на РК Вардар ќе му биде доделено високо признание „Повелба на Република Македонија“.

Одликувањата за ракометарите и признанието за ракометниот клуб Вардар од претседателот Иванов се доделува по триумфот на РК Вардар во Лигата на шампионите. Република Македонија го доби првиот европски ракометен шампион во машка конкуренција и по 15 години повторно има екипа што претставуваконтинентален првак. Ракометниот клуб „Вардар“ е европски првак во Лигата на шампиони, откако во финалето што се одигра во Келн ја совлада екипата наПарис Сен Жермен.

Свечената церемонија на врачување на одликувањата ќе се одржи во Кабинетот на Претседателот на Република Македонија „Вила Водно“, по завршувањето на организираниот пречек на ракометарите на Вардар на плоштадот „Македонија“ во Скопје.