Претседателката Гордана Сиљановска Давкова и премиерот Христијан Мицкоски, по повод 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, упатија честитка до граѓаните.
„Ви го честитам најголемиот македонски празник – 2 Август – Илинден. На овој празник на светлината се потсетуваме на борбата за слободна македонска република што ја започнаа Илинденците а ја продолжија учесниците во народноослободителната и антифашистичка војна. На 2 август 1944-та, пред точно 80 години, делегатите на АСНОМ ја воспоставија македонската држава како република на национална слобода и социјална правда, на рамноправни граѓани, „не гледајќи на нивната народност, пол, раса и вероисповедание“.
Право и должност на секоја генерација е да ја продолжи борбата и да го обновува духот на македонската република, усогласувајќи го со новите околности и новите можности.
Борбата на нашата генерација е, чувајќи го наследството на илинденците и асномците, да ја направиме нашата македонска република пристојно место за живеење, што ќе им дава еднакви шанси за напредок на сите нејзини граѓани, република што ќе биде грижлива кон најдобрите, инклузивна кон различните, солидарна кон ранливите и праведна кон сите. Мора да ги вложиме сите наши лични и институционални капацитети за да го спречиме иселувањето и да создаваме иднина за младите, тука, во нашата заедничка македонска татковина. Таа борба ќе ја добиеме со европеизација на државата, со владеење на правото и искоренување на корупцијата, со компетитивна економија и грижа за животната средина, со сплотување околу општото добро и јавниот интерес.
Драги сограѓани,
Додека го одбележуваме Илинден, храбрите пожарникари, војници и волонтери со натчовечки сили се борат против огнените стихии за да ги спасат нашите шуми, и животите и имотите на нашите граѓани. Да им помогнеме и да ги поддржиме, и со тоа активно да учествуваме во борбата за доброто на граѓаните и иднината на републиката.
Нека ни е за многу години Илинден!
Да ни е вековита македонската република!“, се вели во честитката на Силјановска-Давкова.
Илинден е историска вистина, Илинден е нашиот најсилен повик за акција и единство денес, напиша премиерот, Христијан Мицкоски во честитката по повод празникот.
„Македонија денес го одбележува Денот на Републиката, празник со кој се прославуваат двата големи историски и државотворни настани, Илинденското востание и Првото заседание на АСНОМ.
Илинден не е само историска приказна или историски сон, туку пред се историска вистина. Илинден е нашиот најсилен повик за акција и единство денес.
Илинден е повик за сите нас – да продолжиме да се бориме за нашите права, за нашата култура, за нашата слобода.
Забележете ги внимателно зборовите од Крушевскиот манифест кој освен тоа што ја слави слободарската идеја, неговата најголема порака е повикот за единство. Врз тоа единство се градеше Крушевската република, и во име на тоа единство сите го кренаа бајракот на слободата.
Вистинското прашање и дилема денес е дали тоа единство постои во состојба кога борбата мора да трае, за да имаме победа.
Борбата трае – потсетувајќи нѐ дека борбата за слобода, правда и за подобра иднина бара истрајност, храброст и единство. Од нив треба да научиме како се добиваат големите победи, бидејќи битка може да изгубите, но важно е да победите во својата конечна цел.
Истрајност, внимателност и пред се добар план да се дојде до вистинската цел. Тоа е стратегијата што треба и ние да ја користиме, да бидеме гласни во нашите ставови, да имаме план и да бидеме истрајни.
Борбата не е завршена!
Борбата продолжува! Борбата ја водиме со секој наш изговорен збор, во секоја наша направена акција, со секоја наша мечта за подобра иднина.
Борбата за иднина, борбата за Македонија во рацете на народот е нашата обврска.
Ова е борбата на нашата генерација со која оставаме трага низ времето, цврсто верувајќи во нејзината исправност и големина.
Нека е честит и вековит Илинден“, се вели во честитката.
Мицкоски подоцна ќе се обрти од Крушево.