Претрчуваат по 100 пати дневно: Ни казните не го решаваат хаосот во Чаир

На оваа скопска сообраќајница секојдневно се случуваат најмногу сообраќајни прекршоци, a ниту казните не ја поправаат сликата.

 -Поради хаосот на оваа главна артерија за влез и излез во Чаир многу често се случува да се создаваат сообраќајни колони, било да е тоа во утринските или во попладневните часови, патувам од Радишани до  Центар само заради оваа гужва 45 до 50 минути, вели Сашо од Радишани.

На улицата Цветан Димов се преминува не само на необележен пешачки премин туку и пред цели сообраќајни колони, независно што сите верижно кочат и некој може да настрада. Речиси ретко кој од пешаците го користи висечкиот премин кај „Чаирчанка“. 

-Секојдневно овде е хаос и полицијата да казнува за рок од два три саата откако ќе си замине сликата се повторува. Тргни застани, пешаците воопшто не се ни вртат лево десно да погледна веднаш истрчуваат пред автомобил, вели Ванчо од Бутел.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека во периодот од јануари до почетокот на април, на територијата на Град Скопје со пајак биле кренати 5620 возила а биле изречени вкупно 6109 казна за непрописно паркирање. За запирање и паркирање на патека, паричната казна е 45 евра, за паркирање во пешачки места, на лентата за велосипеди, паричната казна е 180 евра, на тротоари 150 евра, додека за блокирање на такси и автобуски станици е предвидена парична казна од 40 евра .