Пресуда за случајот што ја вознемири Македонија: 27-годишникот што ја уби мајка си нема да оди во затвор

Основниот суд во Кавадарци му изрече мерка задолжително психијатриско лекување и чување во здравствена установа на 27-годишниот Игор Р., обвинет за убиството на својата 54-годишна мајка Сијка Р., извршено на крајот на март годинава.

Според судската одлука, донесена врз основа на психијатриско вештачење, обвинетиот во моментот на извршувањето на делото бил непресметлив, односно не бил способен да го сфати значењето на своите постапки ниту да управува со нив.

Поради тоа, наместо затворска казна, му е определена мерка на задолжително лекување во специјализирана здравствена установа.

Убиството се случи на 30 март годинава во Росоман во семејната куќа. Во утринските часови, додека жената спиела во една од собите, синот повеќепати ја прободел во вратот со кујнски нож, нанесувајќи ѝ смртоносни повреди. Тој веднаш по настанот сам се пријавил во полиција. Таткото и сопруг на убиената во тој период бил на работа.

Претходно, на 14 август 2023, таткото на Игор пријавил дека тој во нивниот дом ги нападнал него и сопругата, агресивно се однесувал и кршел предмети.

По интервенција на полицијата, момчето било пренесено во кавадаречката болница а следниот ден, по барање на лекарите, бил упатен на лекување во Психијатриската болница „Негорци“.