Престанете да им велите на луѓето дека треба да си најдат некој за да бидат среќни

Не помагате никому со таквите изјави.

Живееме во држава во која сите имаат мислење за некој друг – како треба да живее, што треба да прави во животот, кого треба да сака и колку деца треба да има. Луѓето како да немаат попаметна работа па одлучуваат да ги советуваат другите за тоа каде лежи среќата.

Но, дали се толку среќни оние кои толку ревносно делат совети? 

Кога некому велите дека не треба да биде сам и дека треба да си најде личност покрај себе за да биде среќен, што мислите дека ќе постигнете? Дека таа личност магично ќе си ја најде сродната душа или некој со кој ќе изгради цврст и здрав однос само бидејќи вие сте рекле така?

Некои луѓе се сами бидејќи така одбрале, некои можеби не сакаат да се сами, но едноставно потешко им оди да запознаат некој со кого ќе можат да бидат на долг рок, а ваквите коментари за тие луѓе создаваат паника и нервоза. На никој начин не се помага. 

Речиси секој на планетата земја посакува да сака и да биде сакан, но нештата не се секогаш толку едноставно. Ако некој треба да биде во врска или брак, или пак да има деца, кои сте вие да одлучувате за тоа и да делите совети?

Треба да бидеме внимателни како се поставуваме со другите бидејќи осаменоста не е воопшто едноставна тема, а со претпоставките и советите можеме да направиме само поголема штета. 

Не им ставајте сол на раната на оние за кои не знаете како се чувствуваат. Гледајте го својот живот и посветете се на неговото градење и подобрување. Другите ќе се снајдат и без вашиот совет.