Препораки за возење во услови на магла

Возењето во вакви временски услови бара потполно исправни светла и исправни бришачи, што воедно е и законска обврска за секој возач, да управува со технички исправно возило.

Појавата на магла се карактеризира со намалена видливост на патот, што ја намалува ориентацијата во просторот, возачот има погрешна проценка за оддалеченоста со другите возила, а поради изразената влага во атмосферата доаѓа до лош контакт на гумите со подлогата. Видливоста на патот, пак, е условена од густината на маглата, замаглувањето и наросувањето на ветробранското стакло, како и од распрскувањето на светлосните зраци од сопственото возило и од возилата кои доаѓаат од спротивен правец. Ваквите услови и временски прилики од возачите бараат посебна внимателност и прилагодена брзина на возење, велат од РСБСП.

Затоа нагласауваат брзината на движење треба да се прилагоди пропорционално со намалената видливост на патот, односно да се вози со брзина со која може да се застане пред која било препрека што ќе се забележи.

Им се препорачува на возачите во услови на магла нагло да не забрзуваат и успоруваат, да не прават нагли промени на правецот на движење и во никој случај да не кочат нагло.

Неопходно е и секогаш да се држи безбедно растојание и да се вози блиску до десниот раб од коловозот, никогш да не се паркира на пат, да се избегнува престигнување и запирање на отворен пат, а доколку запирањето е неопходно треба да се постави соодветна сигнализација за одбележување на возилото. Сигнализацијата треба да се постави на поголемо растојание од она на кое би ја поставиле во нормални услови.

Доколку, пак, возач учествува во сообраќајна незгода во услови на густа магла, а притоа не му се вклучени светлата за магла тоа може да влијае на неговата можност да ги искористи правата од осигурувањето на возилото.

Доколку не постојат услови за безбедно одвивање на сообраќајот едноставно прекинете го патувањето или одложете го за друг пат кога ќе постојат соодветни услови. И не заборавајте да ги исклучите светлата за магла кога ќе излезете од зоната на магла затоа што на тој начин ја загрозувате безбедноста на останатите учесници во сообраќајот и за сторениот прекршок според ЗБСП следува глоба во износ од 35 евра во денарска противвредност во мандатна постапка или на возачот ќе му се регистрираат 20 негативни бода во возачката книшка.