Премините Евзони (Богородица) и Ники (Меџитлија) попладнево ќе бидат повторно блокирани од грчките земјоделци

Граничните премини Евзони и Ники кон Македонија попладнево од 17 часот ќе бидат затворени на четири односно шест часа, поради блокадите на грчките земјоделци.

Според грчката новинска агенција АНА-МПА во периодот меѓу 18 и 22 часот по грчко време, како и во изминатите денови така и денеска, граничниот премин Евзони за влез и излез од Грција кон нашата земја, повторно ќе биде затворен за сообраќај за сите возила, со исклучок на итни случаи.

На преминот Ники (Меџитлија) сообраќајот шест часа ќе биде во прекин за товарни возила почнувајќи од 18 часот по локално време, додека за автомобилите блокадата ќе трае два часа од 20 до 22 часот, исто така по локално време.

Блокади има и на другите гранични премини, на Промахонас и Ексохи кон Бугарија, но само за камиони, додека пак на Кипи кон Турција денеска ќе биде отворен преминот.

Низ цела Грција, остануваат блокадите на земјоделците поставени на 30 ноември, кои велат дека ќе останат на улица сè додека не бидат исполнети нивните барања, а нема да се повлечат ниту за празниците.