Премиерно прикажување на театарска претстава во новиот Дом на културата во Кисела Вода

Драмски театар Скопје ја имаше честа да го отвори новиот Дом на културата во Кисела Вода со изведбата на театарската претстава „Чолак“. Пред претставата на присутните им се обрати директорто на установата кој изрази големо задоволство од реконструкцијата на објектот како и големата посетеност на премиерното прикажување на театарска претстава во новоотворениот објект.

Се обрати и градоначалничката Билјана Беличанец Алексиќ која рече дека ова е дом на уметниците и граѓаните на Општина Кисела Вода. „Овие 900 квадратни метри кои се потрудивме токму вака да изгледаат, вечерва ви ги предаваме Вам! На уметниците, на актерите, режисерите, им го предаваме на љубителите на уметноста, на посетителите, на жителите на општина Кисела Вода и на град Скопје кои од ова репрезентативно место ќе следат театарски претстави, филмски остварувања, концерти, изложби, ќе доаѓаат да се дружат и забавуваат. Се надевам дека ова здание ќе биде културно збиралиште на многу генерации-сегашни и идни“, потенцираше таа.

Одбележувањето на 61-вата годишнина на Општина Кисела Вода финишира утре со отворањето на културното лето „Три круши 2016“ во с.Драчево.