Премиера на „Крал Иби“ во Драмски театар

Драмскиот театар од Скопје, утре вечер ќе ја изведе премиерата на претставата „ Крал Иби“, работена по текстот на францускиот автор и родоначелник на драмата на апсурдот, Алфред Жари. Со тоа, Драмскиот театар по втор пат на репертоарот го става култниот текст на Жари, кој зборува за алчноста за власт и моќ, но и за инфантилноста на современите владетели и луѓе, воопшто.

Францускиот автор Алфред Жари претставува предвесник на Надреализмот во театарот како и основоположник на Театарот на апсурдот. Неговото култно дело Крал Иби се третира како првата модерна авангардна драма во театарската традиција која веднаш по нејзиното поставување на сцена, го сврте вниманието на публиката кон артифициелноста на театарските конвенции.Овој текст е еден од првите три стилизирани бурлески, во кои Жари ги исмева и покажува аномалиите на модерното време. Преку  главниот протагонист Татко Иби во една структура на гротескна пародија на Шекспировиот Магбет, плашливецот Крал Иби како  претставник на буржоазијата, е прикажан како некој кој бескурпулозно гази се пред себе, за да ги достигне своите цели, вели режисерот Васил Христов.

Според Христов, сто дваесет и две години по првата изведба на Крал Иби , ( како куклена претставата), ансамблот на Драмски театар се навраќа на драмата на Жари, заради нејзината оригиналност и провокативност. Кај Жари вулгарната гротеска се интерпретира како авторско-режисерско-актерска дистанца и коментар за не-вредностите на современиот човек.

Крал Иби е извор на многубројни, како теоретски, така и практични истражувања и мотив за градење на цели идејни движења во формирањето на театарската естетика на дваесеттиот век, додава Христов. Главниот лик во претставата го толкува Игор Ангелов, а настапуваат уште 13 актери. Покрај режијата, Васил Христов заедно со Тодор Даевски, се јавува како коавтор на сценографијата. Костимографијата е на Розе Трајчевска Ристовска, дизајнот на светлото е на Ѕвездан Миљковиќ, а зад видео материјалот стои Душан Кардалевски.