Преку заеднички часови до подобра меѓуетничка интеграција на младите во Скопје

Во организација на Град Скопје и Министерството за образование и наука, денеска се одржа промоција на настанот за заеднички ученички часови со ученици кои учат на различни наставни јазици.

На настанот присуствуваа градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, министерот за образование и наука, Арбер Адеми, претставникот на Канцеларијата на УСАИД во Северна Македонија, Ерик Јановски, шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која, како и ученици, наставници и претставници од образовните институции.

„Чест ми е што Град Скопје е домаќин на овој свечен настан на којшто ги прославуваме заедничките достигнувања во промовирањето на соживот кај нашите деца и зајакнувањето на меѓуетничката кохезија во училиштата. Денеска сме сведоци на напредокот на овие ученици и наставници, кои се доказ за тоа дека кога се работи со голем ентузијазам, нема недостижна цел! Jа покренавме оваа иницијатива за заеднички часови со ученици кои инаку учат на различни наставни јазици затоа што за жал, се чини дека вообичаено фокусот е на тоа колку сме различни и поделени. Меѓутоа, убедени сме дека само недостигот на позитивна интеракција меѓу младите од различни етнички заедници е тоа што води до недоразбирања, поделби и сегрегација. Кога учат заедно децата, кога се вклучуваат во разновидни активности заедно, можат самите да видат дека сите не сме исти, секој со свои посебни карактеристики, но дека имаме исти интереси и исти цели“, рече Шилегов.

Тој додаде дека верува во направениот прогрес во напорите да се намалат бариерите и да се изградат мостови меѓу младите од различни етнички заедници во средните училишта.

„Идејата на заедничките часови има за цел да ги охрабри младите да ги почитуваат различностите, и тоа не само во рамки на образовниот систем, туку во сите области од животот, бидејќи тоа е вистинскиот пат. Град Скопје неодамна едногласно донесе и Стратегија за меѓуетничка интеграција во образованието, со цел во иднина уште поактивно да продолжиме да работиме во оваа област, бидејќи младите се нашата иднина“, истакна Шилегов.

Шилегов посочи и дека во овој процес, многу важна и благородна улога имаат и наставниците бидејќи тие се во секојдневен контакт со учениците и се нивен модел за меѓусебно почитување, разбирање и соработка.

„Наша улога како општина е да ги поддржуваме наставниците во заложбите, но и да обезбедиме услови за нивно успешно работење. Токму затоа, како градоначалник и домаќин, упатувам срдечна благодарност до наставниците и до директорите на училиштата, како и до УСАИД, ОБСЕ и МЦГО за несебичната поддршка која ја даваат за создавање поволни услови за меѓуетничка кохезија и квалитетно одвивање на образовниот процес во нашите училишта. Оваа иницијатива е наша неизмерна гордост, но исто така и уште поголем стимул да продолжиме активно да го промовираме соживотот и да ги негуваме демократските вредности кај младите генерации“, кажа Шилегов во своето обраќање.

Во учебната 2018/2019 година, заедничките часови се реализира во четири средни стручни училишта во Град Скопје: СЕПУГС „Арсени Јовков“, АСУЦ „Боро Петрушевски“, СУГС „Браќа Миладиновци“ и СГГУГС „Здравко Цветковски“. Оваа учебна година се вклучија и две дополнителни училишта: СУГС „Јосип Броз Тито“ и СУГС „Димитар Влахов“.

Целта на заедничките часови во редовната настава во кои учествуваат млади од различни етнички заедници е да се подобри меѓуетничката соработка и интеграција меѓу нив, како и да се зајакнат нивните граѓански и демократски вредности. Во второто полугодие на учебната 2018/2019 година се реализираа над 700 заеднички часови во кои учествуваа над 450 ученици.

На промоцијата на заеднички ученички часови со ученици кои учат на различни наставни јазици се обратија министерот за образование и наука, Арбер Адеми, претставникот на Канцеларијата на УСАИД во Северна Македонија, Ерик Јановски, шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која, раководителката на Секторот за образование на Град Скопје, Даниела Адамова, како и претставници од образовните институции.

Настанот беше организиран во соработка со Проектот на УСАИД, преку Проектот за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, спроведуван од Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО) и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.