Преку новиот автопат од Демир Капија до Смоквица ќе се патува побрзо и побезбедно

Новиот автопат од Демир Капија до Смоквица во должина од 28,2 километри обезбедува значително скратување на времето на патување, ја зголемува безбедноста за сите учесници во сообраќајот и создава услови за динамизирање на транспортот и трговијата, како и натамошен развој на целокупната економија.

Ова се клучните придобивки за земјата, нејзините граѓани и деловни субјекти од новиот автопат во чија изградба се вложени вкупно 227 милиони евра.

„Со отворањето на овие 28,2 км од автопатот Демир Капија – Смоквица го додадовме делот од Пан-европскиот Коридор 10 кој недостасуваше во земјата. Овој автопат ќе го олесни движењето, ќе го поттикне економскиот развој и ќе обезбеди одржливо и побезбедно патување“, рече генералниот директор за цоседски политики и преговори за проширување во Европската Комисија, Кристијан Даниелсон, во своето обраќање.

На настанот беше официјално отворен новиот автопат и беше означен стартот на „ЕУ за ТЕБЕ“ кампањата за инвестициите на Европската Унија во транспортната инфраструктура.

Во изминатите неколку години ЕУ вложи речиси 325 милиони евра во транспортната инфраструктура на земјата. Со нив се изградени и обновени над 100 километри автопатска мрежа, 64 километри патишта во повеќе од 40 општини и 60 населени места, 16 километри железничка пруга и 11 железнички станици.

„Поврзувањето е основен чекор за изедначување на нашите регионални стандарди со оние на ЕУ кон која не водат сите патишта. Овој автопат е еден од нив и во буквална смисла. Овој автопат поврзува, и води кон ЕУ! Оваа делница од автопатот „Пријателство“ во себе ја има вградено и приказната, искрената приказна, за поддршка и соработката. Една од најјасните заложби на оваа Влада, е издигнувањето на нашата земја како конструктивна точка која поврзува и сплотува во заедништво, оттаму, овој автопат е можеби една од најјаките симболики за тоа. Нашата темелна вредност и определба, да ги издигнеме капацитетите на нашата земја на ниво достојно за да биде членка на ЕУ, е силна мотивација за усогласување на нашата, национална патна инфраструктурна стратегија, со онаа на Унијата“, истакна претседателот на Владата, Зоран Заев, заблагодарувајќи се на поддршката што ЕУ ја обезбедува во развојот на инфраструктурата на земјата.

Како и останатите инфраструктурни проекти на ЕУ, така и новиот автопат е изграден според најсовремените градежни, технички и безбедносни стандарди. Долж трасата на автопатот изведени се над 8 милиони метри кубни високи насипи и длабоки ископи во теренот, како и 6 моста, близу 100 канали, 2 сообраќајни клучки и 2 двојни тунели со должина од над 1,2 километри. Покрај современото енергетски ефикасно осветлување, во тунелите се инсталирани и систем за вентилација, за детекција и гаснење на пожар, за резервно напојување со електрична енергија, како и SCADA систем за мониторинг и управување со сообраќајот.

„Од денеска добиваме нова, модерна и безбедна автопатска делница, прва од овој тип на Балканот. Автопатот ги содржи сите потребни каректеристики за сообраќајна безбедност што ни дава сигурност дека сообраќајот по оваа делница ќе се одвива побезбедно за сите учесници. Истиот е проектиран и изграден согласно нормите и стандардите на ЕУ за заштита на животната средина, што дополнително влијае на намалување на емисијата штетни гасови“, истакна министерот за транспорт и врски, Горан Сугаревски.

Продолжување на поддршката и инвестициите кои треба да обезбедат поефикасно инфраструктурно и енергетско поврзување на целиот регион е една од шестте приоритетни иницијативи во новата Стратегија на ЕУ за поддршка на трансформацијата на Западен Балкан. Со неа се предвидуваат дополнителни инвестиции на ЕУ од над една милијарда евра во натамошниот развој и инфраструктурата на земјите од Западен Балкан.