Преку агенција или во сопствена режија – Како е поисплатливо да се патува?

Пролетта и празниците „ја разбудија“ желбата за патување и релаксација во соседните земји, но и во европските градови.

Туристичките агенции со сѐ поголем број на атрактивни понуди и аранжмани, но бројни се и авантуристите кои се одлучуваат за патување во „сопствена организација“. Причината е финансискиот аспект.

Повеќето авантуристи кои ги анкетиравме, велат дека поисплатливо им било сами да си го организираат патувањето, иако си бара напор, додека, пак, како што велат, кога се патува преку агенција е буквално одмор затоа што се е организирано.

-Изминатиот продолжен викенд патувавме во сопствена режија, бидејќи аранжманите ни беа прескапи. Патувавме цело семејство со автомобил во БиХ и Црна Гора. Најважно е да имате исправно возило и исправни документи и се разбира пари. Разгледавме на „Букинг“ каде ќе се сместиме, се договоривме кои знаменитости вреди да ги посетиме, се договоривме каде ќе јадеме, пиеме кафе... Да, можеби е понапорно сѐ тоа да се организира, но за сумата која би ја платиле за еден човек преку агенција, успеавме да прошетаме цело семејство, го споделува една скопјанка своето искуство.

- Бевме во Грција, претходно „букиравме“ сместување. Патувавме со сопствен автомобил. Исто и пријателите. За храна и прошетки сами си организиравме бидејќи сме мало друштво од неколку млади парови. Преку агенција е пренапорна агендата, а ние сакавме овој пат повеќе да одмориме, вели друга скопјанка. Друг момент, е што се има случувано, преку агенција да одиме и замсилете во агендата нема посета на некој од најпознатите локалитети или, на пример, дегустација на некој специјалитет карактеристичен за тој дел, што значи понекогаш е подобро сам да се организираш, додава таа. 

Но, има и такви кои сметаат дека преку туристичка агенција е посигурно и поорганизирано.

-Патувам многу, тоа е моја пасија. Секогаш преку агенција. Се што треба е да се следат понудите, и може да се начека евтин аранжман со кој буквално ќе го земете пасошот и багажот и ќе тргнете, а не уживањето да ви се претвори во терет, па ќе тргне нешто наопаку, па ќе талкате, ќе гуглате, ќе прашуваме... Ми се допаѓа кога туристичкиот водич е професионалец и се ќе појасни. Не тргнувам за да гуглам цело време, на пример, за знаменитостите кои ги посетувам, вели една кумановка која преферира да патува преку агенции.

-Секогаш кога може се одлучувам за агенција. Со деца патуваме често, па не може да си дозволиме авантури. Најсигурно е преку проверена агенција, па и не би сакал да возам на долги дестинации, на пример кога би возел сам до Белград и Сараево би се уморил што потоа би останал да спијам, а не да шетам и уживам, вели еден скопјанец.