Прекрасните зборови на сопругата на Оливер Драгојевиќ: „Ќе нѐ чуваш како и досега, а ние ќе ја следиме твојата трага во бескрајот!

Изминатиов период целиот Балкан жали по Оливер Драгојевиќ, кој беше еден од најдобрите пејачи и изведувачи во регионот. Тој нѐ освои со своите прекрасни стихови, музика и глас и тешко е да се поверува дека навистина го напушти овој свет. Останаа многу прекрасни песни на кои ќе се сеќаваме, а секако дека оваа загуба најтешко ја поднесе семејството на Оливер кое во последните месеци од неговиот живот деноноќно беше покрај него – сѐ до последниот ден. А столбот на тоа семејство, како што секогаш истакнуваше тој, беше неговата сакана сопруга Весна.

Весна и Оливер беа во брак цели 45 години, а една седмица по неговата смрт, таа на Фејсбук објави еден прекрасен и емотивен пост кој можете да го прочитате подолу:

„Најдраг мој! Знаеш дека кога станува збор за збогувања. никогаш не знаев да ги пронајдам вистинските зборови. Кога ни рекоа да се збогуваме со тебе, не знаев како се прави тоа, ниту пак што да кажам. Ти со денови спиеше, можеби и воопшто не нѐ слушна. Знаеше дека бевме тука покрај тебе и можеби и тоа беше доволно. Беше неделно утро, ни рекоа донесете му облека... Која? Можеби онаа од последниот концерт во Арена, знаеш, она одело кое го купивме во Австрија. Но, тоа сигурно не ти беше важно и тоа е првпат да не те прашам што ќе облечеш. По една година соочување со реалноста. Шок. Иако ја знаевме ситуацијата.

Што сега, каде, како? Сите помогнаа. Три дена беше она што никогаш не сакаше да бидеш: важен, почитуван, сакан од сите – и од познати и непознати луѓе. Јас знам што би рекол ти на сѐ тоа, па срам ми е да повторам, но морам да ти кажам дека сѐ се случи спонтано, без притисок. Ние дома знаевме дека луѓето те сакаат, но бевме шокирани од количината на чувства кои ги доживеавме. Оле, ти имаше три погреба во два дена.

Едвај преживеавме, но бевме горди на сите случувања поврзани со тебе. Како што рече Гибо, ова море е само за тебе и тој ден навистина беше. Ти знаеш дека сме добро. За некој ден ќе се роди и Марко, твојот шести внук кој никогаш нема да го видиш, но знаеше дека ќе пристигне на овој свет.

Тие сѐ уште се премногу мали за да го разберат сето ова. Малиот Тони ме прашува: „Бабо, што е со сите овие свеќи пред нашата куќа?“ Му реков дека тоа го оставаат луѓето затоа што дедо почина. Знаеш што ми рече? „А зошто ги има толку многу?“ Знаеш, ти нему, а и на сите нас, му беше само дедо и сигурна сум дека и ти би го кажал тоа, а така и те доживувавме.

Добивме стотици, а можеби и повеќе од 1000 пораки со сочувство од твоите пријатели, колеги и непознати луѓе. Стотина бродови те испратија и сигурна сум дека ти би кажал: „Вие сите сте полуделе, како јас да сум некоја фаца, јас само го правев тоа што го сакам.“

Можеби баш затоа испраќањето ти беше такво, затоа што никогаш не се туркаше да  бидеш во прв ред. Знаеш дека живеевме како сиот нормален свет, се дружевме со луѓе, а не со титули. Луѓето тоа го препознаваат и затоа те сакаат. За песните нема ни да зборувам, затоа што никогаш и не ни зборувавме за нив. Ти беше нашиот маж, тато и дедо. Не се лути што толку многу луѓе те сакаа, а можеби не си го ни знаел тоа.

Морав да ти го напишам ова заради сите оние кои те испратија, затоа што не можам секому поединечно да се заблагодарувам за ова што ти го приредија. Би сакала да знаеш колку многу љубов имаше за тебе, љубов која не може да се мери со ништо. Затоа, уште еднаш, ви благодарам на сите, тоа е сѐ што можам да кажам, затоа што нема вистински зборови.

Ти знаеш колку те сакаме. Не ги слушавме премногу твоите песни, но можеби сега ќе почнеме, бидејќи што и да отвориме, самото ни се наметнува. За нас не се грижи, знаеш колку се сакаме и дека тоа ти беше најголемата среќа во животот. Ти секогаш ќе бидеш капетан на нашиот брод и ќе нѐ возиш онаму каде што треба и дека нам ќе ни биде добро. Ќе нѐ чуваш како и досега, а ние ќе ја следиме твојата трага во бескрајот! Твоја Весна!“