Преговори за нова Влада, средби и првични пораки меѓу партиите

Информации и пораки за разговорите за формирање нова влада упатија и вчера преку соопштенија СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, партиите што на неодамнешните парламентарни избори освоија по 46, односно 44 пратеници и по конституирањето на Собранието пред четири дена влегоа во трката за ново парламентарно мнозинство.

Од СДСМ вчера преку соопштение информираа дека водат сериозни преговори со претседателите на политичките партии, со работни групи, членови на раководствата на партиите за формирање Влада со нов четиригодишен полн мандат, поддржана од стабилно мнозинство во Парламентот.

Генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски вчера попладне имал средба со организацискиот секретар на ДУИ Артан Груби, со кого имале конструктивна дискусија за потврда на заложбите на сите граѓани за мир, стабилност, безбедност и соработка во земјата и региовојонот, здрави меѓуетнички и соседски односи, економски развој, правна држава, чиста животна средина и општествена благосостојба.

Разговарале за парламентарно мнозинство и за коалиција за полн, четиригодишен, стабилен мандат и потврдиле дека немаат друга алтернатива за интеграција, освен членството во НАТО и во Европската Унија.

Од СДСМ  во соопштение потенцираа и дека преговори се водат за Влада која е подготвена да сработи, да се движи брзо напред по европскиот пат на економијата и на правдата.

 

-Влада која ги отвора преговорите за членство со Европската Унија и Влада која со секое ново отворено поглавје од преговорите ќе воведува нови европски стандарди за подобар живот. Заради подобра заштита на здравјето на граѓаните, за поголема сигурност и економска предвидливост, потребно е стабилно парламентарно мнозинство и полн мандат на новата Влада која ќе продолжи да работи во интерес на граѓаните и државата. Граѓаните ни ја дадоа довербата на изборите. Во следниот, четиригодишен мандат ќе покажеме дека можеме уште повеќе и уште подобро да работиме во интерес на граѓаните, наведоа од СДСМ. Нивниот лидер Зоран Заев, по конституирањето на Собранието, според објавите во медиумите, остварил одделни средби со претседателите на ДУИ Али Ахмети, на Алијанса за Албанците Зијадин Села и на Алтернатива Африм Гаши, како и со Мендух Тачи од ДПА.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, во реакција на соопштението од СДСМ и вчера побара да кажат „кои се партиите од новото мнозинство и која е цената за таквата коалиција“.

-Наместо досадни и стерилни соопштенија за себехрабрење бидејќи СДСМ трет ден тврди дека има мнозинство јавно ги повикуваме да кажат кои се партиите од ново мнозинство, која е цената за таквата коалиција, кој ќе биде премиер, во спротивно ќе се докаже дека лаже и манипулира. Што се однесува до иднината за која пишуваат ако од СДСМ зависи иднината тешко на државата и граѓаните. Бидејќи велат дека од нив зависела европската иднина тогаш јавно прашуваме што ги спречуваше до сега нејзе да ја донесат, стои во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.

Претходно, во одговор на новинарско прашање портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски, го повтори ставот на партискиот лидер Христијан Мицкоски дека ВМРО-ДПМНЕ прават напори за формирање парламентарно мнозинство.  Арсовски потсети на објавената информација дека завчера се одржала средба на Мицкоски со Али Ахмети, лидерот на ДУИ, досегашен коалициски партнер во Владата на СДСМ, кој на изборите освои 15 пратенички мандати.

 -Не би можел да навлегувам во детали бидејќи процесите на преговори се уште траат, за да не им наштетиме на процесите. Во однос на идните средби кои што треба да се закажуваат, односно ќе се остваруваат, би оставил на времето да почекаме. И веднаш штом ќе бидат договорени, или веднаш штом имаме поконкретна информација ќе бидат известени и медиумите и јавноста до каде е ситуацијата со преговорите, рече Арсовски.

Мицкоски, претходно изјави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се обиде да обезбеди парламентарно мнозинство од 61 пратеник и да формира влада, но не по секоја цена.

Претседателот на Алтернатива  која во коалиција со Алијансата за Албанците освоија 12 пратенички мандати, Африм Гаши е оптимист дека ќе се формира нова влада и пред истекот на 20-те дена по доделување на мандатот и дека нивната коалиција со Алијансата за Албанците ќе биде дел од неа. Чекаат да бидат повикани на преговори доколку, како што рече, ДУИ не успеат да ја реализираат најавата за премиер Албанец.

– Оптимист сум дека ќе се направи влада, добра влада. Очекувам дека ние ќе бидеме дел од таа влада, ако успееме нашите програмски определби и предизборни ветувања да ги ставиме, да бидат дел од изборната програма. Ние сме тука и чекаме ако имаме понуда да бидеме дел од владата. Нормално, ние би влегле и би преговарале ако ДУИ не успеат со премиерот, тогаш ние би ги почнале преговорите за нашата програма. Делот со бројките за создавање на владата е одговорност на мандатарот. Тоа е одговорност на тој што победил на изборите. Ние во овој дел не би можеле да помогнеме. Единствено што може да направиме е да ги понудиме нашите пратеници да гласат за Влада, за која мислиме и веруваме дека ќе биде во интерес на граѓаните, рече Гаши во синоќешното гостување во емисијата „Само интервју“ на ТВ Канал 5.

Генералниот секретар на Движењето Беса, еден од коалициските партнери на СДСМ во изборите, во неделната колумна за весникот „Коха“, Аријанит Хоџа, пак, порача дека во согласност со одлуката на граѓанита, Албанците не смеат да останат без опозиција и оти тие мораат да имаат таква опција.

-Ако сите албански партии сакат да бидат дел од Владата, јас би лобирал со целосно убедување во политичкиот субјект каде што работам, движењето БЕСА и покрај фактот дека ние сме победници и обезбедивме мандат преку коалицијата „Можеме“, да се разгледа можноста со нашите пратеници да преминеме во опозиција, напиша Хоџа.

По конституирањето на Собранието пред четири дена ДПА соопшти дека на средба на нејзиниот лидер Мендух Тачи со Заев СДСМ и понудил партијата да биде дел од новата владина коалиција. Демократската партија на Албанците начелно е согласна да биде дел од Владата, но било договорено да се формираат работни групи кои ќе ги предводат секретарите на двете партии кои треба да се договорат за деталите, информираше Азем Садики од ДПА на својот Фејсбук профил.

По предвремените парламентарни избори што се одржаа на 15 јуни, пред четири дена се конституираше новиот парламентарен состав и почна да тече 10 дневниот рок за формирање парламентарно мнозинство, по што претседателот на државата треба да го додели мандатот за формирање Влада. Мандатарот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата.