Прегледи и пливање за ‘рбетни деформитети кaј учениците од општина Карпош

Во Општина Карпош започнуваат бесплатни прегледи за рано откривање на деформитети на ‘рбетниот столб кај учениците од шесто до деветто одделение. Станува збор за проект во соработка со ЈЗУ Институт за физикална медицина и рехабилитација.

Денеска, во основното училиште “Лазо Трповски” се реализираа првите прегледи, при што беа опфатени 60 ученици од оваа образовна установа.

Учениците кај кои ќе бидат утврдени деформитети, ќе имаат шанса за бесплатни часови по пливање во базенот на Институтот за физикална медицина и рехабилитација.

Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, посочи дека квалитетната и сеопфатна детска заштита е приоритет на локалната самоуправа.

- Во период кога најмладите постојано се пред својот компјутер, мобилен или телевизор овие прегледи ќе овозможат  превенција на учениците, но и третирање на евентуалните деформитети преку часови по пливање под надзор на стручни лица, рече Богоев.

Претставникот од ЈЗУ Институтот за физикална медицина и рехабилитација д-р ја Манолева говореше подетално за овој проект и начинот на негова реализација. Поточно, како што нагласи д-р Манолева, прегледите ќе се спроведуваат под надзор на доктор – физијатар, а пограмата за вежби во базен опфаќа  три пати во неделата (по еден час) пливање.

Општината и во претстојниот период ќе продолжи да работи на зголемена детска заштита и овозможување на подобри услови за престој и учење во градинките и во училиштата.

Инаку, во Карпош веќе се спроведуваат бесплатни очни прегледи за сите ученици, во соработка со Lions District 132 Македонија.