Прегазеното дете во Ѓорче Петров е во стабилна состојба на неврохирургија

Десетгодишното дете, кое вечерва беше прегазено на улицата Борис Сарафов во Општина Ѓорче Петров, е во стабилна состојба.

Дежурните на Клиниката за неврохирургија, каде детето е однесено со повреда на главата и на рамото, велат дека тоа има скршеница на главата, крварење во мозокот и повреда на рамото.

„Детето е во стабилна состојба, контактибилно е, и оценето е дека нема потреба од операција. Има повреда на главата и повреда на рамото“, велат од Клиниката за неврохирургија, каде ќе биде задржано на опсервација.

Сообраќајната несреќа се случила околу 19 часот, кога возило со скопски регистарски таблички удрило во детето. Жителите на Ѓорче Петров по несреќата го блокираа сообраќајот на улицата, во знак на протест.

Ѓорчевчани лани на неколку наврати протестираа, бидејќи на оваа улица за кусо време се случија неколку сообраќајни несреќи. Во близина е и основното училиште Мирче Ацев и секојдневно има голема фрекфенција на деца. Лани во октомври градските власти поставија и семафор во близина на училиштето, но по улицата и натаму се вози со голема брзина.