Институциите од јавниот сектор имаат рок од три месеци да ги внесат податоците за своите вработени во инфоматичкиот систем за управување за човечки ресурси бидејќи во спротивно може да се доведат во ситуација да не можат да им исплатат плата на вработените чии податоци не се внесени.

Тоа значи дека доколку институцијата ги нема внесено податоците за вработените во регистарот на Министерството за јавна администрација, при поднесувањето на пресметките за плата ќе се појави грешка во системот на Управата за јавни приходи поради што не ќе може да ја исплатат платата.

– Препорачуваме пред да започне примената на новите законски одредби односно во претстојните три месеци работодавачите од јавниот сектор да извршат целосно пополнување на податоците во регистарот со што ќе се избегне појава на грешка при вршењето на контролата на податоците од страна на УЈП – појасни директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска на денешната заедничка прес-конференција со министерот за јавна администрација Дамјан Манчевски.

Од вкупно 1.303 институции од јавниот сектор, 259 немаат внесени податоци. Од нив, 173 институции немаат побарано согласност од МИОА и немаат активна систематизација, а 86 не внеле податоци за вработените иако имаат одобрена систематизација.