Предложени мерки за претпазливост за три лица за свирепото насилство врз 14-годишникот во Ченто

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје денеска поднесе предлог до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје за определување мерки на претпазливост за три лица осомничени дека во парк во Маџари извршиле насилство врз дете родено во 2011 година, информираа од Јавното Обвинителство. 

Имено на 22.06.2026 околу 23:50 часот на улицата „Финска“ во паркот пријавените физички нападнале 14-годишен малолетник и употребиле тврд предмет, а со остар предмет му биле нанесени повреди. 

- Според првичните сознанија, на 22 јуни осомничените учествувале во насилничките дејствија кон малолетникот, го удирале со тупаници и клоци и му нанеле расекотини со нож по телото, појаснуваат од ЈО. 

Предложените мерки вклучуваат – забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, обврска да се јавуваат повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државна граница, забрана за посетување на местото каде се случил кривично-правниот настан, забрана за приближување или воспоставување какви било контакти со оштетеното дете и со неговите родители.

Во меѓувреме, продолжуваат да се вршат вештачења на пронајдени траги и се преземаат други дејствија за прибирање докази.