Предложен притвор за шестмина осомничени во акцијата „Вардар“, фалсификувале евра во Македонија и Србија

Основен јавен обвинител предложи притвор за шестмината осомничени во оперативна меѓународна акција под кодно име „Вардар“ кои се товарат за фалсификување на евра во различни апоени.

„Осомничените, освен кривично дело Злосторничко здружување, сториле  и кривично дело – Фалсификување пари, додека на прво и на петто осомничениот им се става на товар дека сториле и кривично дело – Правење, набавување или отуѓување средства за фалсификување. Дополнително, за првоосомничениот постои основано сомнение дека сторил и кривично дело – Перење пари и други приноси од казниво дело“ велат од обвинителството.

Како што пишува во соопштението тие од крајот на 2023 година па до февруари годинава првоосомничениот заедно со тројца други осомничени создал група што имала за цел вршење на кривично дело Фалсификување пари на територијата на РС Македонија и на територијата на Р Србија, на која група припадници станале четврто и шесто осомничените и српските државјани за кои се води постапка во Р Србија, како и други НН лица.

„При претресите се пронајдени и одземени парични средства во износ од околу 1.000.000 евра, но и американски долари, швајцарски франци, израелски шекели, хрватски куни, албански леки, шведски круни и руски рубљи.

Секој член на групата имал определена улога во планот и во извршувањето на кривичните дела. Првоосомничениот, во стан, во населба Чаир, кој го нарекувал своја „канцеларија“, заедно со неговиот син – второосомничениот, ги правел лажните пари во апоени од 50, 100 и 200 евра, а од Република Турција набавувал лажни пари во апоени од 500 евра и 100 американски долари. Трето, четврто и шесто осомничените и останатите членови на групата – српски државјани за кои се води постапка во Р Србија, секој со своја улога пронаоѓале заинтересирани лица за купување на лажните банкноти и вршеле транспорт и дистрибуција на истите до крајните купувачи во Македонија, Србија и Косово. Петтоосомничениот имал задача и улога неовластено да изработува машини за правење лажни пари, гравирани плочи што имитирале сигурносни знаци на пари, како и специјални машини со индуктор и да ги одржува машините, пресите, плочите и другите работи што служат за правење на лажни пари“, посочуваат од обвинителството.

Осомнчените во десет наврати преку откуп на предмети пуштиле во оптек илјадници евра во платниот промет во Македонија и во Србија.

Со своите дејствија, во наведениот период, групата во десет наврати преку симулиран откуп на предмети – пари, направиле и  пуштиле во оптек лажни пари како вистински во износ од најмалку 119.250 лажни евра, во апоени од 50, 100 и 200 евра во платниот промет на Р Србија за кои добиле противправна имотна корист од најмалку 38.850 евра. Со ваквото пуштање на лажните пари како вистински во платниот промет во РС Македонија, Р Србија и други држави дошло до нарушување на нормалното функционирање во стопанството. Притоа, првоосомничениот парите што за продажба на лажните банкноти ги примал во готово, дел на трансакциска сметка во банка и дел преку услугата брз трансфер на пари на негово име и на име на неговите сопруга и син, ги легализирал подигнувајќи кредити од банка или од финансиските друштва за брзи кредити. Дел од парите си ги исплаќал во вид на плата преку правно лице, дел ги вложил во недвижен и подвижен имот, а најголем дел ги префрлил на е-волет сметка за тргување со криптовалути“, се вели во сопштението на обвинителството

Јавниот обвнител до судија на претходна постапка има доставено прдлог за определување мерка притвор за шестемина осомничени.