Предлог - законот за високо образование е ставен во собраниска процедура

Новиот предлог-закон за високо образование е во собраниска процедура. Според министерката за образование Рената Десковска, со него се уредува автономијата на универзитетите, поголема слобода во академското изразување и нивното влијание врз градењето на политиките.

-Новиот Закон за високо образование практично е еден од најдобрите примери на инклузивна политика, односно, градење на решенија заедно во дијалог со универзитетите, со оние кои што треба да го применуваат и на кои што практично се однесува овој Закон-изјави Рената Десковска.

На иста линија со министерката е и ректорот на штипскиот универзитет „Гоце Делчев“, високо научна установа која одбележа 11 години од своето постоење.

-Се надевам дека многу од дилемите кои постоеја до сега ќе бидат надминати, во поглед на автономијата на Универзитетот, во поглед на неговото финансирање, кадровската автономија, во она што значи подмладок на Универзитетот и зајакнување на инситуционалните капацитети-изјави Блажо Боев, ректор на УГД –Штип.

Сепак, Професорскиот пленум и Независниот академски синдикат сметаат дека Предлог –Законот содржи одредени недоречености, во поглед на кадровската автономија и правилата за формирање на платите на наставниот кадар. Тие бараат високо научната установа да може сама да вработува, доколку новото вработување се реализира во рок од една година на испразнетото работно место, а државата да одреди минимален износ на платите на наставниците, соодветни на оние во јавниот сектор.

На предлог текстот на Законот реагира и Студентскиот парламент при УКИМ, со кој велат, брутално се руши студентската автономија и организирањето на студентите. Изборите за студентски преставници во факултетските собранија ќе ги распишува деканот наместо самите студенти, а претседалот на студентите ќе се бира преку делегатски систем со гласање на 44 претставници од овие тела. Исто така, студентскиот правобранител ќе го бира Универзитетскиот сенат, на кој и ќе му поднесува извештаи за работата. Од тука тие прашуваат, кого треба да му служи студентскиот правобранител, на студентите или на професорите?...