Аеродром, најголемата и една од најнаселените скопски општини, претстојнава недела ќе бира градоначалник со мандат од четири години. Како ќе се развива општината во иднина зависи од одлуката – кому аеродромци ќе му ја дадат довербата!
Во трката за прв човек на општината влегуваат екс пратеникот Александар Филиповски од СДСМ и Коалицијата кој е дипломиран економист, Тимчо Муцунски -доцент по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ кој доаѓа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, атлетската репрезентативка Весна Кираџиева од Левица, Билјана Аврамоска-Ѓореска, дипломиран правник од Коалицијата ЛДП-ДПМ – Движење „Одлучно за промени“, како и Миле Петковски од Трајно македонско радикално обединување – ТМРО.
Аеродромци во изминативе три седмици ги слушнаа предизборните ветувања на секој од кандидатите кои се дел од нивните програми.
Намалувањето на загадувањето, средување на сообраќајниот хаос и подобри услови во предучилишните и училишните објекти се приоритетите на повеќето кандидати.
Муцунски најави изградба на четири нови градинки, кино, театар, читална, забавен парк, современа, модерна и урбана општина.
-Меѓу моите приоритети ќе ги набројам следните: создавање на адекватни услови за отворање на поголем број на работни места, развивање и спроведување на редица економски трансформативни иницијативи и активности (кои ќе значат дополнително привлекување на странски инвеститори), промовирање на владеењето на правото и искоренување на корупцијата, квалитетното инфраструктурно уредување на општината, зголемување на зелените површини, континуирано и темелно чистење на сите јавни простори и соодветно управување со отпадот, зголемување на јавната безбедност и безбедноста во сообраќајот, промовирање на дијалогот, разбирањето и взаемната поддршка меѓу граѓаните, поддршка на проектите во јавното образование, организирање на традиционални и современи културни настани, унапредување на социјалните услуги, силна поддршка на спортските клубови и поттикнување на сите категории на граѓани за нивно вклучување во спортски активности. Она на што сум многу среќен е што во нашата програма ветивме и ќе го реализираме проектот за 0 денари дополнителен трошок за семејствата за градинка и основно училиште, и ќе обезбедиме спортска субвенција од 600 денари за секое дете за спорт, вели Муцунски.
Неговиот политички ривал Филиповски вели за секој квадрат нов бетон ќе има двојно повеќе зелени површини, а зелената агенда ќе биде во посебен фокус.
-За почеток во програмата ја имаме предвидено изградбата на нова градинка во Мичурин, со капацитет за 300 деца и целосна реконструкција на градинката во населба Лисиче.Сервисните улици, пешачките зони и плочници повторно ќе се мијат со цистерни, со што ќе добиеме почисти јавни површини. Аеродром ќе биде општина – дом за сите генерации. Затоа што планираме младински центар, но и активни центри за стареење за највозрасните. Затоа што подобрувањето на условите во основното образование значи и изградба на сензорни соби, со цел еднакви шанси и за учениците со попреченост. Затоа што ќе ги подобруваме сервисните улици, но и ќе правиме 20 километри нови вело – патеки. Она што многу сакам е да го вратиме маалскиот дух, односно да создадеме услови идните генерации да го вратат заедно со нас. И секако, Аеродром мора да прерасне во Општина која има што да понуди на секој свој жител, без разлика колку години има и во која населба живее. Мислам дека, освен во младите, треба повеќе да се вложува и во услови за ранливите категории и за повозрасните, ветува Филиповски.