Предизборни ветувања 2021: Ќе има ли доволно простор за културата во Скопје?

Граѓаните веќе полека ги сумираат впечатоците од предизборните ветувања на канидатите за градоначалници за кои веќе во недела ќе се знае дали и колку ќе ја добијат довербата од гласачите.

Изминативе недели се слушнаа низа ветувања, пред се во насока за подобар, поурбан и позелен живот во општината.

Културата е еден од сегментите на урбаното и современо живеење и е важен предуслов за современа метропола.

Што се ветува во однос на културата во Скопје?

-Возобновен фестивалот „Златно Славејче“, поголема финансиска поддршка за „Скопски Џез фестивал“ се само дел од решенијата во програмата за култура на независната кандидатката за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска.

-Планираме одржување на најмалку 12 фестивали, за секој месец во годината по еден фестивал, порача Арсовска.

Таа додаде дека покрај функционална Универзалната сала ќе се изгради и концертна арена на отворено. Како дел од програмата е заживување на Старата чаршија преку проектот „Ритамот на чаршијата“, а ќе се посвети и дополнителна грижа за зачувување и популаризација на Куршумли Ан, Капан Ан, Сули Ан, Чифте Амам, Даут-пашин Амам и Безистенот.

Планирана е организација и на Меѓународно Биенале на Град Скопје во сеќавање на скопскиот земјотрес, преку организирање на ликовни колонии и изложби кои ќе дадат слика за развојот на Скопје преку уметничка призма, најавува Арсовска.

Нејзиниот противкандидат Петре Шилегов, пак, ветува дека веќе следната година на скопјани ќе им се врати Универзална сала во постојниот облик и габарит, задржувајќи го својот автентичен изглед како симбол на обновата на постземјотресно Скопје.

– Универзална сала e омилената културна институција на многу скопјани, исполнета со многу концерти, со многу емоции, со многу љубов, многу радост. За многу деца, тоа е местото на првиот концерт или културен настан, местото каде што на „Златно славејче“ се роди „Градот убав“ песната која низ годините стана неофицијална химна на нашето сакано Скопје. За мене тоа е главниот мотив за повторно отворање на нејзините врати за посетителите, за нашите скопјани, но и не само за нив туку и за целата земја, вели Шилегов.

-Аеродром ќе добие нов мултимедијален центар, а планираме и сцени на повеќе различни локации во општината. Овие простори ќе бидат наменети за одржување на разни манифестации од културно-уметнички карактер. Отворен за сите професионални и аматерски групи, мултимедијалниот центар ќе има годишна програма на театарски, филмски, мултимедијални, ликовни, танцови и секакви други изведби, ветува кандидатот за градоначалник на Аердорм, од ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски.

За во општина Карпош, кандидатот Душко Весковски од СДСМ, најавува реконструкција и адаптација на библиотеката „Другарче“.

-Во соработка со Градот Скопје и Агенцијата за млади и спорт, нашата цел е да основаме Младински Центар на Општина, каде што сите карпошани, а особено младите, ќе имаат можност да го зголемуваат и да го прошируваат своето знаење и да разменуваат мислења и искуства, ветува Весковски.