ПРЕДБРАЧНИТЕ ДОГОВОРИ ВЛЕГУВААТ ВО ЗАКОН: Младоженец бара сопругата секој ден да готви

Сакам да се задолжи сопругата редовно да чисти, пере и секој ден да готви. Ова било едно од барањата, кое иден младоженец сакал да е дел од предбрачен договор. Но, останало неисполнето, зашто во Македонија предбрачните договори не се предвидени со закон. Адвокатот морал да му објасни дека ќе треба да ѝ верува на сопругата, или евентуално да почека да види дали во иднина ќе може да се склучуваат предбрачни договори. 

Работната група што го кодификува граѓанскиот законик (збир од сите закони поврзани со граѓанско право) ќе побара предбрачните договори, поврзани со имотно-правни прашања, да влезат во закон. Се очекува, вели професорот по семејно право Деан Мицковиќ, до крајот на годината предлог-законикот да биде завршен и да биде ставен во процедура за усвојување. 

- Работната група смета дека треба да предложи вакво решение, но во делот за имотно-правни односи. Меѓу другото ќе помогне да се скратат бракоразводните парници. Но за деталите ќе ви кажеме штом ќе го предложиме официјално - вели проф. Мицковиќ за Нова Македонија.

Предбрачниот договор се склучува помеѓу две лица, кои имаат намера да склучат брак. Договорот претставува обид на идните брачни другари да ги дефинираат меѓу себе правата и обврските како и одговорностите што ќе произлезат од бракот, и тоа во случај на смрт на едниот брачен другар, поништување, разделување или развод на бракот.

- Она што најчесто се случува со предбрачните договори е договарање во поглед на издршката што ќе му ја даде едниот брачен другар на другиот, како и одредување на еднаква распределба на имотот. Покрај големите стравови и тврдења дека ваквиот тип договори промовираат развод, практиката покажала малку поразлични резултати. Со постоењето на ваков тип договор, луѓето добро ќе размислат дали да влегуваат во брак, при што на многу парови ваквиот договор им служи како осигурување за подолго траење на бракот - пишува сајтот „Правдико“.

Адвокатот Трајче Арсов објаснува дека, сега, според домашното законодавството правната судбина на имотот стекнат вон и во брачна заедница е регулиран со закон. Тие одредби имаат императивен карактер, а тоа значи дека не можат да се менуваат со договор ниту може да се дополнуваат. Доколку постои каков било договор спротивен на тие прописи, тој договор е ништовен.

- Сум имал малку клиенти со вакви барања, меѓутоа јас уште во почеток им кажувам дека тој тип договори се недозволени според домашната легислатива, односно не предизвикуваат правни последици. Има правила кога имотот стекнат во брак се смета за заеднички, а кога како посебен имот на еден од брачните партнери. Тоа е регулирано со Закон за сопственост и други стварни права. Имотот што брачните другари ќе го стекнат во текот на бракот претставува нивен заеднички имот. Имотот што едниот брачен другар го имал во времето на склучувањето на бракот претставува негов посебен имот. Како посебен имот ќе се сметаат и имотот и правото врз имотот што брачниот другар ќе го добие по основа на наследство, легат и подарок, како и работите стекнати во бракот, а кои исклучиво служат за задоволување на личните потреби на еден од брачните другари, доколку не претставуваат несразмерно голема вредност во споредба со вредноста на вкупниот заеднички имот - вели Арсов. 

Тој имал случаи на барање за предбрачен договор околу уредување на обврските во бракот, не за уредување на имотните односи. Имал и клиенти што го бараат тоа и во текот на бракот. 

- Тие норми се од морален карактер и не се уредуваат со договор. На пример, да се задолжи сопругата алиштата редовно да ги чисти, пере, да прави јадење и други обврски поврзани од домаќинството - раскажува Арсов.

Според него, треба да се дозволи договорно уредување на имотните односи на брачните партнери. Тоа е својствено за земјите со англо-саксонско право.

- Треба да се измени Законот за сопственост и други стварни права, на секого да му се дозволи дали сака имотните односи да му бидат уредени како по закон или да може поинаку со договор, кој ќе има строга форма, за да нема манипулации - додава Арсов.
Барања за предбрачен имало и кај адвокатот Томи Стефков.

- Им објаснувам дека тоа не може да се стори и им го објаснувам сегашното законско решение - вели тој. 

Адвокатот Васил Панчевски смета дека прво треба да се види предлогот за да се изгради став за воведување на предбрачните договори. 

- Во постојното законодавство јасно е пропишан начинот на делба на заеднички имот стекнат во брак како и кој имот стекнат во брак може да се дели, но и начинот на наследување и губењето на правото на наследување на брачните другари. Меѓу другото утврдени се и правата и должностите на брачните другари. Мислам дека не се загрозени имотните и личните права на брачните другари - вели Панчевски. 

Тој смета дека треба да се слушнат издржани аргументи за воведување ваков договор. 

- Анализа на предбрачните договори, кои се склучуваат некако наведува на заклучок дека едната страна има само права, а другата само обврски, што не е фер ниту праведно. Прашањето е дали така бракот би се вратил децении и векови наназад, а секојдневно се бориме за праведна распределба на правата и обврските на мажот и жената во бракот - додава тој.

Нашата држава, пишува „Правдико“, е меѓу последните што не го имаат воведено предбрачниот договор на Балканот. Засега брачниот договор е законски регулиран во Франција, Германија, Австрија, Швајцарија, Шведска, Данска, Финска, Грција, Белгија, Полска, Холандија и други, а во поново време вакви реформи воведоа и Србија, Хрватска, Русија, Унгарија, Црна Гора, Бугарија и Република Српска.