Празници и неработни денови за Македонците „еден куп“ - Има предлог за нивно намалување!

Стопанската комора денеска ќе презентира предлог за промени во системот на празници и неработни денови во Македонија, со образложение дека актуелното решение влијае врз продуктивноста и економската ефикасност.

На прес-конференцијата „Празниците во Македонија и нивното влијание врз економијата“ ќе биде претставен актуелниот систем, како и конкретен предлог за измени на Законот за празниците. Засега не е познато кои празници или правила би биле опфатени.

Темата е актуелна и поради тоа што годинава три државни празници паѓаат во недела – 24 Мај, 2 Август и 11 Октомври, поради што и наредниот ден е неработен.

Стопанската комора и претходно бараше поголема флексибилност во организацијата на работното време, особено по воведувањето на недела како неработен ден.

По денешната прес-конференција треба да стане јасно дали предлогот ќе опфати намалување или поинаква организација на неработните денови, правилото за празник што паѓа во недела, или евентуално и прашањето за недела како неработен ден.