Во времето на Божиќ, еден од најголемите христијански празници, разговаравме со Андријана Јаневска.

Јаневска истакнува дека фолклорот е нашата тврдина, нешто што го обединило македонскиот народ уште пред постоењето на официјална држава. Божиќ е еден од најомилените периоди во годината за неа, кој ја потсетува на топол дом, семејство, заедништво, одмор и уживање со најблиските.
„Заветна“ е песната во која ги преточив емоциите од промената на името. Се радувам што денес е неофицијална химна на државата“, вели Јаневска.
Неодамна, докториравте на тема поврзана со македонското традиционално народно пеење. Како ова истражување влијаеше на Вашата уметничка визија и идни проекти?
Секој проект на кој работам на некој начин влијае на следниот, па така и собирањето на македонските народни песни и нивната анализа имаа големо влијание врз она што потоа го работев. Во конкретниот случај, докторатот ми помогна одблиску да ги осознам македонските народни песни, а со тоа и да им дадам уште пооригинална интерпретација.
Како професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, како ги инспирирате Вашите студенти да ја ценат и негуваат македонската музичка традиција?
Фолклорот е нашата тврдина, нешто што го обединило македонскиот народ уште пред постоењето на официјална држава. Народните песни, игри и други видови традиционално музичко-фолклорно изразување имаат огромна улога и значење во животот на заедниците. Музичката традиција на заедницата се толкува како збир на нејзиното музичко значење и формира колективна личност со „заедничка меморија“. Затоа ги учам моите студенти дека чувството за песната, јазикот, припадноста и иденитетот никогаш не треба да го напуштиме.

На што ве потсетува овој период? Што најчесто ве врзува со Божиќ и Бадник и со верските празници?
Овој период е еден од моите најомилени во годината, бидејќи ме потсетува на топол дом, семејство, заедништво, одмор и уживање со најблиските. За Бадник и Божиќ секогаш сум дома и го прославуваме големиот христијански празник Рождество Христово. Уживам во друштвото на моите два сина, кои се на зимски распуст.
Тоа што ве прави препознатлива изминатиот период е песната „Заветна“. Какво значење има оваа песна за Вас?
„Заветна“, во оригинална изведба на големиот Пепи Бафтировски, е ремек-дело на композиторите Миле и Ѓорѓи Барбаровски. Летото 2018 година ја отпеав македонската химна на Мечкин Камен, пред да го променат името на мојата татковина. Тие емоции долго време лежеа во мене и сакав да ги преточам во песна. „Заветна“ беше вистинската песна која сакав да ја оживеам. Песната стана неофицијална химна на Македонија, и се радувам што денес има такво значење за народот.
Што е за Вас Македонија? Која е првата асоцијација која ќе се спомене ова библиско име?
Македонија – Анте Поповски
- Еве ја таа проста земја
од дволичен камен
и сонце
Децата уште незаодени каде откопуваат
лобањи по градините
Еве ја таа проста земја
од пајажина
и од води
Мудро слободата кај што ги запишува
селските имиња
Место икони по црквите
И каде летото како судбина
Трае до последниот востанат
Еве ја таа проста земја
од заморено дишење
и од молк
Низ која времето одминува
и пак се враќа
Со неа да го сподели лажното траење.
О, еве ја таа проста земја
од грч
и од чекање
Што ги научи и ѕвездите да шепотат на македонски
А никој не ја знае.
Што е актуелно периодов? На што ќе се работи во 2025 година?
Во 2025 година максимално ќе се посветам на мојата кариера која заради докторатот малку ја запоставив. Веќе снимив 10 песни кои ќе ги издадам како албум, а наскоро ќе снимам и два спота. Оваа година планирам голем солистички концерт кој ѝ го должам на мојата сакана публика. На 15 февруари гостувам во Дизелдорф, Германија, каде заедно со ДНК ќе одржиме голем концерт. Ги поканувам сите Македонци кои живеат таму да дојдат и да ги отпееме најубавите македонски песни заедно.