Празничната потрошувачка еуфорија во Скопје тешко ги зафаќа купувачите

Празничната потрошувачка еуфорија тешко ги зафаќа и продавачите и купувачите. Најголем дел од излозите на бутиците и продавниците  се или скромно или воопшто не се украсени во новогодишен дух.

Низ Скопје може да се забележат трговци кои со налепници на излозите маркирале новогодишни попусти од „-20 %“ „-30 %“, „-50 %“.

Дел од скопјани сметаат дека цените знаат да бидат намалени и дека газдите на дуќаните го користат периодот на празнична потрошувачка треска со намаленија да ги привлечат потрошувачите.

-Минатата година ми се погоди баш овој период, ми се поквари фрижидерот, па така искористив попуст, платив некаде 3.000 денари помалку. За оваа година не планирам некој шопинг, а гледам по излозите дека има попусти, вели Наташа од Скопје.

-Во нашиот бутик цените се намалени за 20 отсто, од 10 до 31 декември. Но, сега за сега немаме нешто зголемена потрошувачка. Ќе видиме наредните денови, но праксата од минатите години покажува дека скопјани пазаруваат во последен момент, ден, два пред Нова година, па тогаш очекуваме нешто повеќе, додава Андријана, вработена во бутик. 

Скопските трговци велат дека имаат поголема посетеност за време на празниците кога имаат акции со намалени цени. 

Од организацијата за заштита на потрошувачите редовно пред Новогодишните празнувања кога и најмногу се купува ги предупредуваат потрошувачите да внимаваат на лажните попусти.  Ако некој потрошувач смета дека бил излажан во смисла на одобрениот попуст, тогаш за тоа може да се пожали или во Државниот пазарен инспекторат или пак кај локалната организација на потрошувачи.