Правото на глас е најмоќното орудие на нас граѓаните во борбата за подобро утре и алатка со која директно одлучуваме за нашата иднина, вели Елизабета Постоловска поранешен член на ДИК

Дали нашата држава по 30 години независност има изградено демократски и политички капацитет,  дали политичарите водат сметка за гласачите и дадените ветувања, каква кампања треба и можеме да очекуваме на локалните избори - на сите овие теми денес разговараме со Елизабета Постоловска. Таа по професија е правник и доскорешен член на Државната изборна комисија, човек кој има долго и сериозно искуство со изборни процеси и изборниот систем во Македонија.

Млада, харазмитична и исклучително професионална. Во денешното интервју со Постоловска опфаќаме теми поврзани со локалната самоуправа, локалните избори кои следат и живеењето во Скопје. 

Кога станува збор за демократските капацитети на општеството на самиот почеток Постоловска вели граѓаните се заглавени во систем во кој нема никаква одговорност и од овој аспект од година на година работи се менуваат, но станува се полошо. 

Независно од мојата позиција како поранешен член на ДИК, туку како личност кој повеќе години е вклучена во креирање и реализација на тие демократски капацитети можам слободно да заклучам дека секоја година некако станува се потешко, вели Постоловска.

Додава дека граѓаните со право имаат се повеќе очекувања, но институциите како да се заглавени во систем во кој нема одговорност, па самите креатори на тој систем вложуваат минимум капацитет, како тоа да е доволно. И на крајот одговорноста ја префрлаат на граѓаните, што според мене е сосема погрешно, вели Постоловска.

Потребно е промена на перцепцијата во оваа општество, потребна е едукација на граѓаните, грижа за нивните реални секојдневни потреби и права, само така можеме да го дефинираме ова општество како зрело, а за тоа сметам дека имаме уште многу труд и работа, ако имаме волја нормално, додава таа.

На прашањето за политичката култура, отченоста и одговорноста на политичарите Постоловска е децидна дека во едно општество таа е одраз на демократски капацитети во истото.

Привидната одговорност, ад хок решенија без елаборација и анализа за реалните проблеми на граѓаните веќе подолго време допринесуваат кон тоа граѓаните да ја губат довербата во системот. Правните процеси траат премногу долго, остварувањата на основните граѓански права се заглавени во лавиринтите на административното работење, формалноста на процесите како да ја надмина вистинската потреба во реализација на законските норми и сето тоа сериозно влијание на нарушената доверба како во институциите, така и во државата на секое ниво. Ние како држава не паметиме, освен некои ретки исклучоци дека политичар од морални причини си поднел оставка, и се додека тоа е исклучок, а не правило, немаме ни базична основа за реална отчетност ниту пак одговорност, истакнува Постоловска. 

Потенцира дека правото на на глас е најмоќното орудие на граѓанинот во борбата за подобро утре. Тоа е алатка со која ние граѓаните директно одлучуваме за нашата иднина.  Вели дека изборите треба да бидат одраз на вистинска волја на народот, нашата награда и казна за политичарите. 

Со оглед дека неколку години и изборни циклуси учествував во организација на избори, најодговорно можам да кажам дека никој неможе да знае кој за кого гласал. Гласањето е тајно и сопствен избор и отчетот за тоа за кого гласаш е отчет кон самиот себеси за квалитетот на општеството и средината во која живееме, додаваа Елизабета. 

На прашањето поврзано локалните избори кои следат таа е категорична дека нашата иднина зависи од нас самите и несмееме да гледаме на правото на глас само како формално право, туку како и реална обврска која ја имаме кон самите себеси и нашите деца да живееме квалитетен живот во одговорно и отчетно општество со реални проекти и долгорочни инвестиции.

Се надевам на позитивна кампања со многу нови идеи, капитални инвестиции со точно утврдени рокови за нивна реализација. Очекувам и се надевам на рамноправно учество на партиите како на власт така и во опозиција, без злоупотреба на државни ресурси, за да се создаде поле на еднаква, отворена и демократска политичка борба, како би можеле граѓаните да одлучат врз основа на долгорочна програма, а не врз основа на моментални материјални, индивидуални и краткорочни придобивки. Тоа го очекувам, но ќе видиме што ќе се случува, заклучуваа таа на оваа тема.

Разговаравме и за нејзиниот личен впечаток, односно за тоа колку градоначалниците водат сметка за градот и за општината во која живееме.

Таа вели дека живее во општина Аеродром. Како нова и урбана општина, смета дека Аеродром заслужува подобро.

Аеродром е општина која најбрзо се шири и се зголемува бројот на жители, ако го гледаш позитивниот раст на бројот на запишани гласачи секој изборен процес, вели Постоловска.

Додава дека тоа подразбира и позитивен раст на бројот на инфраструктурни проекти, а тоа го нема за жал. Не сакам да бидам сфатена политички, но Аеродром има право и заслужува Градоначалник и локална администрација која ќе овозможи квалитетен живот на своите жители, достапност и транспарентност, школи, градинки , улици и паркови. Се надевам дека на овие избори ќе се изврши вистински избор на личност која може и тоа да го овозможи.

Истиот став го дели и за градската администрација.

Генерално тоа го мислам и општо за Град Скопје..можеме подобро, а не само што можеме и заслужуваме, само треба да се избориме да го добиеме, а единствен начин за тоа се изборите и остварувањето на нашето право на глас, вели таа.

На крајот ја прашавме што треба да се промени за да биде подобро во оваа сфера.

Од аспект на нас граѓаните, сметам дека време е да им покажеме на политичарите дека можеме самостојно, слободно и реално да правиме избор врз основа на реални и вистински и квалитетни политички понуди, вели Постоловска.

Правото на глас е најмоќното орудие кое го имаме, треба умно и храбро да го искористиме, за да резултатот од изборите ја одразува нашата реална потреба и желба за промени или пак задоволство од тоа што во моментот го имаме, заклучуваа таа.

На крајот додава дека изборот е наш, а како ќе го искористиме, така ќе ја дефинираме и нашата иднина, а со тоа и однесувањето на власта спрема нас.