Православните верници го празнуваат Крстовден - Воздвижение на Чесниот Крст

Именден празнуваат: Крсте, Крстинка, Крстана, Кристина, Христина, Кристијан…

Празникот Воздвижение на чесниот крст, во народот познат како Крстовден, се празнува во чест на наоѓањето на крстот врз кој бил распнат Исус Христос и во чест на неговото враќање од Персија во Ерусалим. Поради неговата чудотворна моќ крстот е наречен и животворен крст.

Денешниов празник е органски поврзан со вчерашниот празник, празникот на осветувањето на црквата на Христовото воскресение во Ерусалим. Имено, во истата таа црква беа сместени остатоците од чесниот крст на кој беше распнат Христос, а кој крст го пронајде мајка му на цар Константин Велики, царицата Елена.

Уште еден настан, освен пронаоѓањето на чесниот крст, е поврзан со овој празник, а тоа е неговото враќање од Персија каде што беше однесен по персиското освојување и разорување на Ерусалим во седмиот век што се случи за време на византискиот император Ираклиј (628). 

А најважното што се слави денес е крстот како симбол на победата над светската суета, симбол на смирениот бунт на внатрешниот човек.