Пратениците дадоа „амин“ за законско укинување на економските директори на здравствените установи

На 11. седница, пратениците вчера едногласно, со 81 глас „за“, го дадоа на натамошно читање Предлог-законот за изменување на Законот за здравствената заштита, во прво читање. Измените предвидуваат укинување на позициите на економските директори во 40 болници и јавни здравствени институции.

Министерот за здравство, Арбен Таравари, истакна дека назначувањето на двајца директори во болниците предизвикало паралелизам и зголемување на трошоците. Според Таравари, законот има за цел да овозможи рационализација и зголемување на ефикасноста. Во одговор на пратеникот Димитар Ковачевски од СДСМ, кој ја поддржа законската промена, Таравари објасни дека ова претставува почеток на реформите кои што следат, најавувајќи интеграција на Клиничкиот центар во Скопје и дека секој град ќе има своја општа болница. Во рок од една година, додаде тој, ќе биде донесен нов закон за здравствената заштита.