Пратеничка од СДСМ позитивна на Ковид-19 дојде во Собрание во скафандер

Пристигнувам во Собранието, со целосна заштитна ковид-19 опрема за да учествувам на денешната седница на која ќе ги усвоиме законите кои обезбедуваат финансиска помош за илјадници граѓани и компании, соопшти преку својот профил на Фејсбук, пратеничката од СДСМ Бисера Костадиновска Стојчевска.

„Позитивна сум на ковид-19, но добро се чувствувам, со силна одлучност денес да победи народот. Нема да дозволиме уцени! Мојата должност како пратеничка е постојана и благородна. И здрава и болна, имам обврска да направам сѐ граѓаните да ја добијат помошта која Владата ја обезбеди за нив. А, ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата можат и понатаму да прават сѐ што намериле против народот – но џабе им е, денес ќе ја завршиме работата. Граѓаните ќе победат и уште еднаш ќе видат колкава разлика има меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, односно меѓу тоа да правиш сѐ за народот и да правиш сѐ против народот“, напиша таа на Фејсбук објавувајќи фотографија од себе во скафандер.