„Прашоци за хидратација и вода со вкус“ - Хемија за која предупредуваат лекарите

Една од препораките на надлежните за полесно справување со топлотниот бран во земјава е и доволна хидратација на организмот. 

Секогаш прва асоцијација за правилна хидратација на телото е чистата и малку ладна вода, но сѐ почесто сведочиме дека на пазарот се нудат секакви производи во вид на прашоци, шумливи таблети, течности со вкусови и слично, кои се наменети за подобра хидратација, подобар имунитет и повеќе енергија во текот на жешките и напорни денови. 

Дел од лекарите и нутриционистите предупредуваат да се внимава со ваквите препарати, и напоменуваат дека водата, ладниот чај и свежо цедените сокови се најбезбедниот избор кога станува збор за правилно и здраво функционирање на организмот на екстремни температури. 

Доктор Ненад Лазаров се огласи на својот фејсбук профил на темава: 

- Како може да продавате хемија у цела кесичка прашак што се раствара во вода, па вкусов, па имуно, па шишиња некои скапи, и да ја рекламирате како поздрава опција од обична вода? Као "водата не рехидрира доволно, тоа прашакот рехидрира и здраво е", па ја поидиотски муабет немам чуено... Дајте ве молам, во земја каде скоро секаде се пие водата од чешма, зошто тон хемија треба да пие било кој? - праша тој јасно алудирајќи дека чистата вода е сосема доволна. 

Дали станува збор за некаков тренд кој може и да биде опасен? 

- И на вода ли малограѓанштина ќе продавате, ниту тие што го продаваат ова немат поим што има внатре до крај, а не пак како ќе се одрази на здравје ако се употребува секојдневно, предупреди доктор Лазаров.