Познатиот американски синџир ресторани TGI Fridays доаѓа во Македонија

Американскиот синџир ресторани TGI Fridays најави влез на балканскиот пазар преку договор за развој со Devolli Group, со кој се предвидува отворање на првите ресторани на брендот во регионот.

Според објавените информации, Devolli Group ќе отвори вкупно 10 ресторани на TGI Fridays во Косово, Албанија и Македонија, а компанијата ги обезбедила и ексклузивните права за понатамошно развивање и доделување подфраншизи на брендот на овие пазари.

Засега не е објавено колку од десетте ресторани ќе бидат отворени во Македонија, ниту во кои градови и во кој период би започнале со работа.

„Балканот претставува една од најинтересните можности за раст во Европа, комбинирајќи претприемачка енергија, развиен угостителски сектор и култура во која заедничкото собирање околу масата има големо значење“, изјави глобалниот претседател на TGI Fridays, Фил Брод.

Тој посочи дека Devolli Group е партнерот со кој американскиот бренд сака да го започне своето присуство во регионот, нагласувајќи ги нивното познавање на пазарот, оперативното искуство и долгорочната визија.

Најавата веќе предизвика реакции на социјалните мрежи, каде дел од корисниците го споредуваат потенцијалот на TGI Fridays со присуството на други меѓународни синџири за храна во Косово и Албанија.

TGI Fridays е познат по концептот на американски casual dining, со понуда која вклучува бургери, ребра, пилешко, различни предјадења и коктели. Со најавениот договор, Македонија, Косово и Албанија треба да станат првите пазари во регионот на кои брендот ќе започне организирано проширување.