Познати деталите за влезниците за David Guetta во Скопје – продажбата стартува на 15 мај

Познати се сите детали околу влезниците за големиот музички спектакл David Guetta – The Monolith Show, кој на 8 септември ќе се одржи во арената „Тодор Проески“ во Скопје, во рамки на прославата по повод 35 години независност на Македонија.

Од Avalon Production информираа дека влезниците ќе бидат пуштени во продажба во петок, 15 мај, и ќе можат да се набават исклучиво преку платформата avalonbooking.mk.

Како што соопштија организаторите, цената на сите влезници ќе изнесува само 35 денари.

Публиката ќе може да избира помеѓу влезници за стоење и за седење на трибините. За трибините ќе има нумерирани седишта, што значи дека при купувањето ќе биде потребно да се избере конкретно место, додека делот за стоење нема да биде нумериран.

„Капацитетот на стадионот е ограничен, па наш совет е да бидете брзи во петок како би го обезбедиле своето место“, велат од Avalon.

Организаторите дополнително потенцираа дека цената од 35 денари е конечна и дека нема дополнителни трошоци за набавка на влезниците.

„Да, влезниците навистина чинат 35 денари и тоа е единствениот трошок за набавување влезници за David Guetta – Monolith Show“, соопшти Avalon Production.

Настанот веќе се најавува како едно од најголемите музички случувања годинава во Македонија, а светски познатиот диџеј и продуцент David Guetta во Скопје ќе го донесе својот спектакуларен „The Monolith Show“.